Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција оценија дека периодов Собранието е крајно нефукционално, бидејќи на закажаните седници нема кворум за нивно одржување, како и дека за да се покаже дека нешто се работи се закажуваат стари седници со отворени точки на коишто нема присуство на министри или нивни заменици и точките не се отвораат.
„Кредибилитетот на Собранието е урнат до таа мера што владините претставници не се појавуваат на седници, што притоа им е законска обврска. Дополнително, не пристигнуваат нови закони од Владата што е знак дека Владата на Ковачевски е толку заспана и некадерна во време на криза“,
изјави денеска на прес-конференција пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Лефоков, СДСМ и ДУИ се однесуваат како државата да цвета, а во реалноста, според него, граѓаните не знаат како да спојат крај со крај.
Вчера пак, пратеникот од редовите на СДСМ, Мартин Костовски, објави видео од собраниската сала, каде столчињата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беа празни.
„Почитувани граѓани, вака ВМРО-ДПМНЕ работи за граѓаните. Тотално празна сала, а ќе земат патни трошоци, срамота“,
посочи Костовски.
Изминатиов период серија собраниски седници беа одложени токму поради немање кворум. На 22 јули претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека самиот ќе предложи одржување на седница за распуштање на парламентот. Зборовите ги кажа по неуспехот да почне со работа по 79 седница на Собранието поради немање кворум, иако 85 пратеници биле потпишани како присутни на списоците (што им дава и право на надоместоци).