Претходниот викенд, во организација на неколку еколошки и граѓански здруженија, демонстрантите блокираа дел од сообраќајниците во Србија, а во некои градови блокадите резултираа со инциденти
Нови протести и блокади на улиците се закажани за утре на повеќе од триесет локации во Србија, како реакција на донесувањето на законот за експропријација и законот за референдум, откако претходните денови граѓаните се кренаа на нозе за носењето на спорните закони. Организацијата „Еколошко востание“ на социјалните мрежи објави список на кој се наведени имињата на сообраќајниците и локациите кои ќе бидат блокирани во сабота. Блокади ќе има на повеќе од триесет локации ширум Србија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во средата изјавил дека „улицата нема да ја води политиката“ но и дека „полицијата нема да ги спречи демонстрантите освен ако не биде загрозен нечиј живот, земјиште или институција“, пренесува српски Би-би-си.
Тој изјавил и дека веднаш го потпишал законот за референдум, кој е веќе во сила, додека законот за експропријација сè уште го нема потпишано бидејќи чека мислење од експерти по тоа прашање.
Претходниот викенд, во организација на неколку еколошки и граѓански здруженија, демонстрантите блокираа дел од сообраќајниците во Србија, а во некои градови блокадите резултираа со инциденти. Најмногу инциденти имаше во Шабец, Белград и Нови Сад. Во Нови Сад некои од демонстрантите беа приведени на информативен разговор.