Пред да можете да го остварите вашето гласачко право прво ќе мора вашиот отпечаток да се совпадне со тој од базата која е внесена во уредот за идентификација
На овие локални избори за прв во земјава се гласа со уреди за биометриска идентификација на гласачите, односно со читачи на отпечатоци. За потребите на 3 480 избирачки одбори ДИК од германската компанија „Дермалог“ набави 4 000 терминали.
Во однос на употребата на отпечаток од прст, согласно ковид-протоколите, гласачите треба да го дезинфицираат прстот пред да го стават во уредот за отпечатоци. а уредот нема да се дезинфицира од технички аспекти.
Со уредот за биометриска идентификација на гласачите управуваат само претседателот или заменик претседателот на Избирачкиот одбор кои имаат посебни картички што се дел од доверливиот избирачки материјал и се чуваат во избирачкото место.
Како ќе се идентификуваат граѓаните
На екранот на уредот за биометриска идентификација на гласачите треба да се бидат прикажани следните податоци: Избори и датум на избори, моментално време, општина, број на избирачко место, вкупно регистрирани гласачи, вкупно гласачи кои гласале, распределба по род на гласачи кои гласале. Уредот треба да даде и податоци одзивот на гласачите во време на гласањето во интервал не подолг од два часа.
Личниот идентитет гласачот го докажува со важечки лична карта или патна исправа односно лична карта чија важност истекла во периодот од распишувањето на изборите до денот на нивното одржување и патна исправа чиј рок на важење е истечен односно истекува по 31 јули 2020 чија важност се продолжува до 31 декември 2021 година и отпечаток од прсти.

ИО го потврдува идентитетот и врши проверка дали гласачот нема претходно гласано преку податоците од важечки документи и со отчитување на отпечатоци од прсти што треба да се совпаѓа со отпечатокот од прст на гласачот во електронскиот избирачки список за соодветното избирачко место во техничката опрема.
Уредот го чита отпечатокот од прстот и се обидува да најде совпаѓање со отпечатоците што се во електронскиот избирачки список за сите гласачи запишани на тоа избирачко место, додека не се најде совпаѓање. Доколку софтверот укаже дека квалитетот на отпечатокот е лош или слаб, софтверот на УБИГ тоа го третира како погрешно скенирање на отпечатокот и бара повторување на процесот. Доколку не се најде совпаѓање на гласачот треба да му се скенира левиот показалец и процесот се повторува.
Кога избирачкиот одбор ќе констатира дека гласачот го докажал својот идентитетот и утврдил дека не гласал претходно и му се совпаѓа отпечатокот од прст со отпечатокот од електронскиот список, на мониторот на уредот ќе се појават податоци од избирачкиот список на тој избирач. Ако гласачот претходно не гласал, информациите се прикажани со зелено. Член на одборот ја потврдува идентификацијата и гласачот е обележан во системот дека гласал.
Доколку уредот не може да најде совпаѓање на отпечатоциоте од прсти, сигнализира со жолта боја. Во тој случај ИО пристапува кон утврдување на личниот идентитет на гласачот преку важечка лична карта или пасош и проверува дали гласачот е запишан и дали е потпишан во печатениот избирачки список. Доколку се утврди дека гласачот го има во печатениот Избирачки список и нема гласано, се внесува во уредот преку отчитување на личниот документ на МРЗ скенерот или со преку внесување на матичниот број.
Ако веќе бил обележан дека гласал системот ги прикажува со црвено и сигнализира со аларм така што нема да му биде дозволено да гласа. По идентификацијата и потпишувањето избирачот ќе добие гласачко ливче.
На терен ќе бидат ангажирани и ИТ-експерти
Во случај уредот да е технички неисправен и неупотреблив избирачкиот одбор веднаш телефонски ја известува ОИК да го замени уредот. Комисијата праќа техничко лице кое е овластено од ДИК за да донесе нов резервен уред. Тоа лице на самото место ја утврдува состојбата, и ако е технички неупотреблив уредот, телефонски ја известува ОИК за да инсталира нов резервен уред во кој ќе ги префрли сите податоци.
Ако уредот е неупотреблив и не може да се замени тогаш ОИК со потврда од техничко стручно лице ангажирано до ДИК електронски ќе поднесе писмено барање до ДИК и ДИК ќе треба да одлучи дали гласањето ќе продолжи согласно со членот 108 од Изборниот законик.
Првиот човек на Дравната изборна комисија, Александар Даштевски вчера рече дека се е подготвено за денешното гласање и дека таму каде ќе има проблем со апаратот за читање на отпечатоци од прст ќе се испратат ИТ стручњаци. Претходно, тој во неколку наврати рече дека не може да каже однапред како ќе функционира новиот систем, затоа што немало пилот-примена за да се испроба пред да биде ставен во употреба.
Инаку, освен домашните и странски набљудувачи, изборниот процес го следи и Јавното обвинителство кое формираше привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела при организирањето и спроведувањето на локалните избори.