За да нема втор круг потребно е на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните избирачи во конкретната општина и еден од кандидатите да освои мнозинство од гласовите
Вкупно 298 кандидати во недела ќе се борат за градоначалничките места во 80 општини и Градот Скопје. Дел од нив ќе бидат избрани уште на 17 октомври, но останатите ќе ја продолжат битката и во вториот круг закажан за две недели подоцна.
Што е потребно за да биде избран градоначалник во првиот круг?
Според Изборниот законик, се смета дека во првиот круг од гласањето некој е избран за градоначалник доколу добие мнозинство од гласовите на избирачите кои излегле да гласаат, но услов е излезноста да биде најмалку една третина од вкупниот број запишани избирачи во Избирачкиот список за соодветната општина.
„Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градоначалник на градот Скопје не излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина“,
предвидува законот.
Ако на изборите гласаат една третина од гласачите, но никој од кандидатите нема мнозинство од гласовите, тогаш во рок од 14 дена се одржува вториот круг, во конкретниот случај тој е закажан за 31 октомври.
Во вториот круг одат само двајцата кандидати кои имале најмногу гласови во првиот, а победува оној кој добил поголем број гласови.
Кога е во прашање изборот на советници, пак, тој се затвора во првиот круг. Колку советници од секоја од поднесените листи ќе влезат во новите совети на општините и на Градот Скопје, пак, се пресметува по Донтовата формула.