Пратениците Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ и Мартин Костовски од СДСМ ја продолжија собраниската дискусија за уставните судии и на телевизија
Жаклина Пешевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ говорејќи за ситуацијата во македонското собрание, во кое втор ден се расправа за избор на членови во Уставниот суд, вели дека на седницата се кршат правните норми при процедурата за кандидатите за уставни судии.
„Деловнички треба да се разгледаат сите кандидати за уставни судии ако се под една точка, а не да се двојат по желба на претседателката на Комисијата и затоа таа треба да одговара. Да беше одговорна претседателката на Комисијата ќе дадеше образложение барем за сработеното во Собранието, а не само тоа, таа не беше воопшто присутна“,
рече Пешевска на гостувањето во емисијата Топ тема што се емитува на телевизија Телма.
Недозволиво е, вели Пешевска, единствен критериум за уставен судија да е тој дека треба да биде истакнат правник, нешто што може широко да се толкува.
Пешевска се осврна и на предлотот за измени на законот за невладини организации и граѓански здруженија. Таа посочи дека Владата не реагира ништо за спорните здруженија и затоа ВМРО-ДПМНЕ предлага да може истиот да важи ретоактивно.
„За отворените здрженија има низа на реакции, дури и меѓународни и мора да има соодветна реакција и во земјава“,
посочи Пешевска.
Пратеничката посочи дека СДСМ сега сака да направи политички дефокус со искривување на тези за да го сокрие фактот дека се со скршена политичка кичма пред Бугарија и по цена на отворање на клубови кои промовираат фашизам.
Мартин Костовски од СДСМ, кој исто така беше гостин во емисијата Топ тема, рече дека ВМРО-ДПМНЕ се нервозни секогаш кога на дневен ред е правдата и дека неговата партија нема да дозволи да има уставна криза.
„Секогаш кога станува збор за правда и владеењето на правото, тогаш гледаме нервоза кај ВМРО-ДПМНЕ како во Собранието, така и надвор од него, тоа го гледаме и сега кога на ред е изборот на уставни судии“,
рече пратеникот Костовски.
Тој додаде дека опозицијата со претстави во Комисијата за избори и именувања и со филибастеринг се обидува да ги оспори предлозите на мнозинството за уставни судии.
„Гледаме бесмислени дискусии од опозицијата, затоа што тие зборуваат за се, освен за предлозите за уставни судии. Уставни судии се бираат по постоечка законска регулатива, каде има определни критериуми и ние не може да работиме поинаку“,
посочи Костовски.
Пратеникот Костовски истакна дека и покрај обидите за блокади и одолговлекувања, уставните судии ќе бидат избрани во Собранието.
„Како одговорни пратеници ние нема да дозволиме уставна криза, како што не дозволивме ни парламентарна криза“,
заклучи Костовски.