На прашање од новинарите кон адвокатката како се чувствувала кога ги слушала насловите и дали до неа допрело нешто, таа рече дека е тука како професионален адвокат, а за текстовите посочи дека се навреди и клевети, што е основа за граѓанска, а не за кривична постапка

Одбраната на сопственикот на парапорталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, смета дека казната што денеска му ја изрече Основниот кривичен суд за пет кривични дела е висока. Адвокатката Марија Најдова-Петрезанов најавува жалба и за тоа, но и за продолжувањето на притворот што денеска му го одреди судот и ќе бара тој да излезе од затворот во Шуто Оризари до правосилност на пресудата бидејќи здравствената состојба не му е добра.
„Ова не е конечна пресуда. Сметаме дека е изречена висока казна за дела за кои во текот на целокупната постапка како одбрана наведуваме дека нема елементи за нив, дека не се исполнети законските битија. Како по однос на пресудата, ќе вложиме и жалба на решението со кое му е продолжен притворот на Марјан со оглед на тоа дека неговата здравствената состојба е навистина влошена. Тој има добиено шеќер, веќе добива инсулинска терапија и третманот не може да биде соодветен во условите каде што моментално се наоѓа“,
изјави адвокатката Марија Најдова-Петрезанова.
При изрекувањето на пресудата, судијката Марија Клетничка-Марковска прочита како Стаменковски уценувал и барал пари за да не објави содржини на неговиот парапортал, а читаше и дел од текстовите што ги објавувал.
На прашање од новинарите кон адвокатката како се чувствувала кога ги слушала насловите и дали до неа допрело нешто, таа рече дека е тука како професионален адвокат, а за текстовите посочи дека се чисти навреди и клевети, што е основа за граѓанска, а не за кривична постапка.
„Седната сум на клупа заедно со обвинетиот како негов бранител, адвокат. Затоа сум и тука, за професионално вршење на оваа работа. Се слушаа искази на сведоци, како и репродуцирање на насловите, но она што ќе повторам е дека постојат елементи на чисти навреди и клевети, за кои од страна на оштетените не беа поднесе соодветни граѓански постапки до денеска“,
рече Најдова-Петрезанова.
На дополнително прашање, ако таа била предмет на некои од текстовите на „Доказ“, дали и тогаш ќе го бранела и ќе имала разбирање како сега, адвокатката одговори дека доколку тоа се случило, доколку постоеле законски услови, ќе ги преземала мерките согласно закон.
Марјан Стаменковски денеска доби три години и еден месец, парична казна од 5 илјади евра и забрана во наредните 10 години да врши дејствија поврзани со делата, односно да регистрира домен за интернет-портал во земјава, а сите досега регистрирани се бришат.
Тој беше прогласен за виновен за пет кривични дела – две за ширење расистички и ксенофобичен материјал и едно дело: уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.