Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриевска-Кочоска, бара некој да сноси одговорност за овој, како што го нарекува, непромислен потег. Таа ја потсетува власта дека токму парите од оваа еврообврзница се користат како оправдување зошто докторите чекаат да земат плата

За издавање на планираната еврообврзница, која ќе значи 600 милиони евра задолжување за државата, ќе се чека потписот од новиот министер за правда. Досегашниот, Никола Тупанчески, не го потпишал мислењето пред да си ја поднесе оставката, која му беше констатирана во понеделникот (13 февруари) на собраниска седница.
Од Министерството за финансии велат дека постапката ќе се спроведе дури откако ќе се избере новиот министер.
„Целосната постапка за издавање на еврообврзницата ќе биде извршена по спроведување на административните процедури, кои подразбираат и мислење од новиот министер за правда. Веднаш по изборот на новиот министер за правда ќе се одржи нова аукција. За ова банките агенти што посредуваа при издавањето на еврообврзницата ќе ги информираат инвеститорите, кои при минатата аукција имаа 2,5 пати поголем интерес во однос на понудената сума, како резултат на довербата во добрите економски политики“,
велат од Министерството за финансии.
Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриевска-Кочоска, бара некој да сноси одговорност за овој, како што го нарекува, непромислен потег. Таа ја потсетува власта дека токму парите од оваа еврообврзница се користат како оправдување зошто докторите чекаат да земат плата.
„Откажана е еврообврзницата од 600 милиони евра, а причина за ова е смената на министерот за правда кој не сакал да потпише и без негов потпис понатаму не може да се движи постапката. Ова е најголем доказ дека и во Владата има голем раскол и дека нема капетан на бродот. Како можевте да дозволите ваков срам на државата и да ја оставите без пари? Кој ќе сноси одговорност за ваков непромислен потег? Дали намерно ја втурнувате државата во банкрот? Докторите немаат земено плата, а изговор ви е дека ги чекате парите од еврообврзницата. Повеќе од јасно е дека тие пари нема да ги добиеме. Оставка на цела влада веднаш“,
вели Димитриевска-Кочоска.
За новата еврообврзница, мислењето ќе треба да го даде Кренар Лога од Алијанса за Албанците, кого премиерот Димитар Ковачевски го предложи за нов министер за правда.
Собраниската седница за избор на Лога и на останатите нови министри започна во понеделникот, меѓутоа и по три продолженија сè уште се наоѓа на првата точка – разрешување на досегашните министри од редовите на Алтернатива, по предлог на Ковачевски. По оваа, втора точка е разрешувањето на заменик-министрите, па дури трета точка е именувањето на новите министри.
Тупанчески веќе не е министер бидејќи за неговото заминување од Владата немаше дебата со оглед дека тој самиот си поднесе оставка, па Собранието само ја констатираше.