Како што изјави директорот на болницата, роднина на деветмесечно бебе кое починало бурно реагирал обвинувајќи ги лекарите за смртта, но полицијата спречила поголем инцидент
Попладнево во струмичката болница бил спречен инцидент, откако еден од роднините на деветмесечно бебе кое починало бурно реагирал и ги обвинил лекарите за смртта.
Како што изјави за МИА директорот на болницата, Наќе Гогов, полицијата спречила да дојде до инцидент.
„Детето во болницата било донесено во многу тешка состојба и покрај обидите за реанимација од страна на лекарите тоа починало. Обезбедувањето на болницата навреме ја повикало полицијата и е спречен поголем инцидент. Јас ја разбирам тагата на блиските, но никој нема право да реагира на ваков начин“,
изјави Гогов.
Тој подоцна за медиумите објасни дека бебето било донесено со тешка форма на бронхопневмонија, а на пат кон рентген за да му се направи снимка на белите дробови, пред да се прати во Скопје, му откажало срцето.
Претходно денеска, во истата болница, но на инфективното одделение, група од дваесетина граѓани утрово насилно го зеле телото на починат 49-годишен маж, кој починал половина час претходно. Како што изјавија од болницата, пациентот бил примен во тешка состојба, и по дваесет минути починал. Тога дошле дваесетина жители од Турското маало во Струмица насилно го извлекле починатиот со кревет надвор во дворот на болницата, го дигнале од креветот и го префриле преку оградата, го ставиле во комбе и избегале.
Полицијата и ЈО го расчистуваат случајот.