Согласно Статутот на партијата, додаде Ковачевски, ќе биде свикан отчетен конгрес на кој ќе се разгледаат причините за изборниот резултат и за работењето на партијата во периодот од 2020 до 2024 година и ќе се одредат роковите за консолидирање на СДСМ
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва на прес-конференција од партиското седиште, резултатот од изборите го оцени како разочарувачки и најави целосна обнова на партијата, почнувајќи од лидерската позиција, преку раководството, до сите тела и органи.
Како што рече тој, никој реално не е без одоговрност за изборниот пораз и затоа „СДСМ ќе мора добро да погледне навнатре, да размисли зошто се слабите резултати во последните четири години, можеби и во последните седум години“.
„Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати, посериозно да го најдеме изворот и причините за овој поразителен исход. Не сакам да носам избрзани заклучоци и да посочувам виновници. И јас и партиското раководство имаме одговорност и сите именувани и избрани функционери имаат одговорност, вклучително и сите партиски функционери на централно и локално ниво. Никој реално не е без одоговорност и тука ќе мора заедно да поминеме низ овој процес. СДСМ ќе мора добро да погледне навнатре да размисли зошто се слабите резултати во последните четири години, можеби и во последните седум години и што е поважно, што е тоа што треба да направи за да ја вратиме довербата на граѓаните“,
рече Ковачевски.
Според него, процесот на обнова мора да биде на сите нивоа и затоа повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела, и на централно и на локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, па сè до претседателите на општинските организации и на сите органи и тела на партијата.
„Органите на партијата ќе одлучат прецизно за времето и начинот на спроведување на овие постапки. Тој процес не смее да биде долг, но никако и брзосплет, стихиен или, пак, експресен. Тој процес на внатрешна промена и консолидација може да го изведат само оние кои се спремни да се жртвуваат за иднината на партијата и демократијата во државата. Оние кои немаат багаж од било каков вид, особено не такви карактеристики заради кои граѓаните го испратија СДСМ во опозиција“,
посочи лидерот на СДСМ.
Согласно Статутот на партијата, додаде Ковачевски, ќе биде свикан отчетен конгрес на кој ќе се разгледаат причините за изборниот резултат и за работењето на партијата во периодот од 2020 до 2024 година и ќе се одредат роковите за консолидирaње на СДСМ.
„Прво мора да има обновување на идеолошката матрица на СДСМ, која ќе ги собере сите прогресивни сили на Македонија на левиот центар. Вториот чекор треба да биде длабока кадровска промена и создавање на силен кадровски потенцијал со вистински социјалдемократи со вредности и знаење, со чесност и енергија, со мотив и со искреност. И трето, да се реформира организациската поставеност на партијата. Секако, има уште многу елементи, но за тоа ќе се разговара во партијата“,
изјави Ковачевски.
Тој им честиташе на граѓаните за успешниот изборен ден и оцени дека Македонија имаше фер и слободни избори согласно европските стандарди.
Ковачевски ја честита победата и на своите ривали.
„Ја честитам изборната победа на нашиот политички конкурент ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски. Честитам на изборот на сите 120 пратеници во македонското Собрание и посакувам да имаат успешен мандат во интерес на македонските граѓани и европска иднина на државата. Го честитам изборот на Гордана Силјановска-Давкова за претседател и се надевам и посакувам дека функцијата ќе ја извршува во согласност со дадените уставни овластувања и евроатлантската посветеност и обврски на државата“,
посочи тој.
Лидерот на СДСМ му се заблагодари и на Стево Пендаровски, како и на поддржувачите на СДСМ „кои и покрај големиот пораз во првиот круг достоинстевно излегоа на изборите и овозможија да се постигне цензусот за избор на претседател“.