Мерката траеше околу три месеци, што значи околу 1,5 милион евра се трошоците за субвенционирање на струјата за компаниите кои произведуваат храна во државата, нагласи министерот за економија

За три месеци се потрошени околу 1,5 милиони евра за субвенционираната струја што ја добиваа компаниите од прехранбениот сектор.
Како што рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши, месечно трошокот изнесувал околу 500 000 евра, но детали во врска со ова и со трошоците за струја за комуналните претпријатија, водостопанствата и училиштата, оваа недела ќе соопшти директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.
„Согласно првичните податоци, како разлика, просечно е потрошено околу 500 000 евра месечно, но детали за тоа ќе соопшти ЕСМ. Мерката траеше околу три месеци, што значи околу 1,5 милион евра се трошоците за субвенционирање на струјата за компаниите кои произведуваат храна во државата. Оваа недела директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, на прес-конференција ќе каже како е менаџирана кризата и колкави се трошоците направени од државниот буџет како мерки донесени од Владата“,
рече Бектеши одговарајќи на новинарско прашање.
Владата на крајот на февруари донесе одлука да го укине субвенционирањето, односно повластената тарифа за струјата што ја трошат производителите на основните прехранбени продукти затоа што не ги намалиле цените на основните прехранбени производи.
Од деталните анализи што ги имал направено Државниот пазарен инспекторат, а кои беа доставени до Министерството за економија, утврдено беше дека над 85 отсто од компаниите кои од ноември користеа субвенционирана цена за електрична енергија не го почитувале џентлменскиот договор со Владата.
Производителите на основните прехранбени производи сега се снабдуваат со електрична енергија согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со електрична енергија.