„Очекував дека за тој случај ќе има прецизен одговор кој, кога и зошто прислушкувал. Досега нема таков одговор и за државата тоа не е добро“, вели поранешната министерка за внатрешни работи
Прашана која е нејзината одговорност во случајот со масовното прислушување, ексминистерката за внатрешни одговара: „Таа (УБК, н.з.) уживаше висок степен на автономија, но не бегам од тоа дека министерот за внатрешни работи има политичка одговорнсот – поднесов оставка и ме разрешија и мојот мандат престана. Но, технички гледано, многу е тешко некој што не е инволвиран во прислушувањето, да знае дека такво нешто се случува“
Јасно се гледа дека прислушкувањето не се случило во жолти комбиња, туку во Управата за безбедност и контраразузнавање, но она што останува нејасно е како точно се одвивало тоа и кој сè бил инволвиран, вели поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, која е една од обвинетите во предметот „Таргет-Тврдина“.
„Кој и зошто го спроведувал прислушувањето, до крај одговор сè уште не е даден и не верувам дека ќе проилзезе во судската постапка на начин на коj е поставено обвинението. Очекував дека за тој случај ќе има прецизен одговор кој, кога и зошто прислушкувал. Досега нема одговор и за државата тоа не е добро, бидејќи еден таков нерасчистен случај или погрешно поставен случај, од не знам кои причини, остава простор за поанатмошни злоупотреби“,
вели Јанкулоска.
Таа вели дека сака да се расчисти случајот и поради тоа што се смета себеси за една од оштетените.
„Од позиција на личност која е меѓу најприслушуваните навистина сакам да се расчисти случајот. Ние што сме оштетени во тој случај, иако Обвинителството и покрај огормен број на комуникации од моите телефонски броеви, тврди дека не сум оштетена, јас се чувствувам како оштетена зашто ниту јас сум дала одобрение да се следат моите комуникации, а ни судот не дал“,
вели Јанкулоска.
Прашана која е нејзината одговорност во случајот со масовното прислушување, ексминистерката за внатрешни одговара:
„УБК во тоа време беше орган при МВР, но раководена од државен функционер именуван од Владата. И таа уживаше висок степен на автономија, но не бегам од тоа дека министерот за внатрешни работи има политичка одговорност – поднесов оставка и ме разрешија и мојот мандат престана. Но, технички гледано, многу е тешко некој што не е инволвиран во прислушувањето, да знае дека такво нешто се случува. Потребни се инженерски и технички познавања на самиот систем, кој не го знае сиситемот тешко може да идентификува вакви нелегални случувања. Факт е дека тогаш надозорот го правеше Собранието, но тоа беше политички надзор, а потребни се технички познавања“.
Јанкулоска, која во „Таргет-Тврдина“ е обвинета за помагање при уништување на опремата за прислушување, вели дека нејзиниот потпис на решението за формирање комисија не значело одобрение за уништување на опремата.
„Таа комисија треба да направи попис и да утврди дали е стара опремата. Ако утврди дека постои такво нешто, треба да донесе одлука дали да се раходува, да се уништи или да се прави нешто трето, можеби да се зачува. Комисија во МВР се формира многу често за разни работи и тоа не е проблем, посебно што јас не сум учествувала во носењето на одлуката дали нешто е функцинално. И сега да ми покажете опрема за прислушување, не знам дали и како функционира, јас сум правник, не сум инженер. И потоа таа комисија сама одлучувала“,
вели поранешната министерка.
Три години наназад од денот на уништување на опремата, МВР декларирало дека таа е целосно амортизирана, вели Јанкулоска.
„Поминале внатрешни ревизии, Државен завод за ревизија, завршни сметки, тоа е вредност која со години наназад се провлекувала. Секој просечен граѓанин знае дека она што е амортизирано излегува од употреба. Постапката за набавка на нова опрема, за законско следење на комуникациите, УБК ја почнала во 2013 г. – тоа се повеќе од две години пред оваа опрема да биде извадена од употреба“,
додава Јанкулоска.
Прашана дали отворено разговарала со Сашо Мијалков за овој случај, Јанкулоска рече дека тој тврдел дека одредени работи што се случувале во УБК биле надвор од неговите сознанија.