Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека по целосното расчистување и документирање на сите наведени случаи, против прекршителите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави

Во текот на изминатото деноноќие полициските службеници лишиле од слобода 15 возачи поради безобѕирно управување возило, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР). Најголемиот дел од прекршителите, односно 12 лица, возеле без возачка дозвола, од кои тројца биле во Битола, по двајца во Кочани и во Скопје и по едно лице во Тетово, Демир Капија, Струга, Дебар и во Прилеп.
Две лица од Делчево и од Велес биле приведени бидејќи возеле под дејство на алкохол, а еден скопјанец управувал возило и покрај тоа што за него има активна забрана.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека по целосното расчистување и документирање на сите наведени случаи, против прекршителите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Исто така, апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или ако се под дејство на алкохол.
