Вкупно 438 пациенти потврдени и сомнителни на ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во Скопје голем, а дел од нив се на кислородна поддршка, информира Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 41 нов пациент поради компликации од коронавирусот.
„Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 17 приеми, и тоа осум пациенти биле хоспитализирани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид-центарот на Клиниката за неврологија, пет пациенти се примени на Клиниката за нефрологија и еден болен на Клиниката за дерматовенерологија. Во ковид-центарот во ГОБ ‘8 Септември’ имало 10 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени 14 лица“,
информира Министерството.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 33 оздравени пациенти. Во моментот, во ковид-центарот на Кожната клиника се лекуваат 23 пациенти, на Клиниката за неврологија 35 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 55 пациенти со симптоми на корона вирусот, на Клиниката за гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 25 лица, а во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 25 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 159 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 37 пациенти, од кои 10 деца и 27 возрасни.
„И покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 15-ина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ ‘8 Септември’“,
информираат од Министерството.
Во текот на утрешниот ден ќе се отвори и ковид-центарот на Клиниката за очни болести со капацитет од 33 кревети. Сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород.