Во денешното продолжение на серијалот меѓусебни јавни обвинувања, почнати со нападот на ВМРО-ДПМНЕ врз Артан Груби за вмешаност во наводни бизнис зделки, партијата на Ахмети за својот поранешен долгогодишен коалициски партнер вели дека е „судски потврдено криминално здружение и дека сите во земјата знаат дека корупцијата и организираниот криминал се измислени и перфекционирани од страна на ВМРО ДПМНЕ“.
Во соопштението ДУИ се фокусира на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Унапредениот син од страна на неговиот татко на факултет, Христијан Мицкоски, идеолошки партнер на Додиќ, Јанша, Орбан и Апасиев, и политички хидро-бизнисмен, соработник со неговите бивши заменици и анти НАТО и анти ЕУ елементи во нашето општество, нема ниту кредибилитет, ниту поддршка да говори и обвинува за корупција, ниту за иднината на нашата земја која што ја држи во заложништво и блокада“,
се вели во соопштението.
Обвинувањата од ДУИ за корупција во најголемата опозицика партија продолжуваат и со повикување на изјави на градоначалничката Данела Арсовска и судски одлуки кои се однесуваат на замрзнувањето на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски се синоним на блокада. Го блокира Собранието, општините, Владата, сите проекти, и цела држава. Тоа е вистинската корупција. ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски се синоним за заложништво. Нема поголема корупција од заложништвото на ВМРО ДПМНЕ на своите граѓани и нивната европска иднина“,
соопштуваат од ДУИ.
Патијата на Ахмети го обвинува ВМРО-ДПМНЕ, со која речиси 10 години ја делеше власта, и за албанофобија.
„ВМРО ДПМНЕ е во мртва расистичка трка со Левица која да биде по анти-албанска партија. И Мицкоски и Апасиев ги гледаат Албанците само како слуги, како граѓани од втор ред, Албанци кои не смеат да бидат на високи државнии позиции, и тие што се на тие позиции, веднаш ги напаѓаат со клевети, лаги, измислици, без никакви факти и аргументи“,
велат од ДУИ.
На ова соопштение на ДУИ претходеше прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ на која партијата објави, како што рекоа, нови докази за корупција на функционери на ДУИ, вклучувајќи го и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој важи за човек од доверна на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.