Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ прашува како некој кој е уапсен по меѓународно важечка потерница може да побегне од домашен притвор
Вчерашното бегство на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Блерим Рамадани од домашен притвор во земјава, наиде на остра реакција од соседна Србија. Министерот за внатрешни работи на земјата, Ивица Дачиќ, неговото бегство го оцени како скандалозен чин и побара објаснување од македонските власти за тоа како се случило Рамадани да побегне кога е уапсен по меѓународна важечка потерница.
„Станува збор за припадник на терористичката ОВК којшто извршил злосторства врз Србите во Косово, и кого Србија го бара со потерница, со цел да го изведе пред суд. Бараме објаснување од државните органи на Северна Македонија како е можно некој, којшто е уапсен по наша, меѓународно важечка потерница да побегне од домашен притвор. Или за албанските терористи и воени злосторници не важи меѓународната правда, кога убиваат Срби се им е дозволено и простено“,
рече Дачиќ.
Инаку, токму Дачиќ на 25 јули годинава по средбата со неговиот македонски колега Тошковски на Граничниот премин „Табановце“ рече дека очекува Рамадани да биде екстрадиран во Србија. Косовскиот министер Свечља, пак, кој ја посети земјава неколку денови по изјавата на Дачиќ рече дека Скопје треба да одлучува самостојно, обвинувајќи ја Србија дека има тенденција да ги расипува односите меѓу државите од Западен Балкан.
Бегството на Рамадани, претходно денеска беше поттик за преписка помеѓу опозициската СДСМ и министерот за внатрешни работи на С Македонија, Панче Тошковски. Од СДСМ побараа оставка од министерот, додека пак Тошковски им врати дека нивните обвинувања се празни зборови оти МВР и судот се две различни институции.
За потсетување, од МВР во изјава за „360 степени“ денеска ја потврдија информацијата дека од куќен притвор побегнал поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани, од Косово, за кого Република Србија има распишано потерница и бара екстрадиција. Како што информираа од полицијата, по него ќе биде распишана централна потерница.
„Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето“,
велат од МВР.
Како што објави порталот Сдк.мк, Рамадани вчера избегал од куќен притвор од домот на роднини во Македонија. Според порталот, по жалба на Обвинителството, тројца судии од Кривичен совет вчера му одредиле на Рамадани ефективен притвор од 30 дена поради опасност да избега. Извори од истрагата за Сдк.мк откриле дека некој од Кривичниот суд му дојавил на Рамадани дека ќе го вратат во во затворот во Шуто Оризари, па тој истиот момент избегал од Македонија.
Блерим Рамадани беше уапсен во јули годинава на граничниот премин „Јажинце“ врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од страна на Република Србија. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.