Во однос на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, тој во интервју за МИА открива дека на крајот на февруари заменик-министерот за надворешни работи на Полска, Марек Правда, бил во посета на Софија каде што имал разговори, вклучително и за проширувањето на ЕУ и патот на Северна Македонија кон Унијата
Тој вели оти е важно политичарите во земјава да покажат волја да го придвижат процесот напред, со исполнување на обврските од договорот, како и комплетирање на процесот на реформи
Северна Македонија не треба да ја загрижува 2030 година како датум за идното проширување на Европската Унија, туку што побрзото исполнување на обврската за промена на Уставот, преземена во 2022 година. Ова во интервју за МИА го порача вршителот на работи амбасадорот на Полска во земјава, Мариуш Бримора, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.

„Вистината е, како што сите знаеме овде, дека треба да го почнеме процесот на пристапување. А, за да започне пристапниот процес, Северна Македонија треба да ја исполни својата заложба и да го промени Уставот, поради обврската што ја презедовте во 2022 година при потпишувањето на договорот. Откако ќе го направите тоа, можеме да го планираме процесот и да ги отвориме преговорите речиси веднаш. Значи, датумот сега не е проблемот. Најголемиот проблем и проблемот што го имаме овде и сега е да го овозможиме почетокот на преговорите“,
вели амбасадорот Бримора.
Тој ова го кажа одговарајќи на прашањето дали е можен нов договор со Софија и дали т.н. „тивка дипломатија“ што се води, може да донесе резултати. Во оваа насока, тој исто така вели, секогаш има простор за разговор и оти претставниците на Владата ја користат секоја можност при средбите со нивните партнери на меѓународни форуми да разговараат за овој проблем.
Амбасадорот вели дека полското претседателство со Унијата прави конкретни чекори за да го придвижи процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и земји од истокот на Европа. На ова, како што наведува, Полска работи не само во Брисел, туку и на билатерални нивоа.
Во однос на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, тој открива дека на крајот на февруари заменик-министерот за надворешни работи на Полска, Марек Правда, бил во посета на Софија каде што имал разговори, вклучително и за проширувањето на ЕУ и патот на Северна Мамедонија кон Унијата.
„Така што, правиме сè што можеме, но повторно, кога ме прашувате за следниот чекор, мојот одговор е ист – треба да ја исполните својата обврска. Има една стара поговорка ‘Pacta sunt servanda’, односно ‘Договорите мора да се исполнат’. Оваа обврска на Северна Македонија стана дел и од позицијата на Брисел. Комесарката (Марта) Кос јасно кажа дека очекува Северна Македонија да ја исполни обврската со цел да се придвижи процесот. Што и да кажеме, повторно доаѓаме до истиот заклучок – се почнува со уставната обврска – а потоа процесот може да продолжи“,
вели амбасадорот.
Тој во интервјуто вели оти е важно политичарите во земјава да покажат волја да го придвижат процесот напред, со исполнување на обврските од договорот, како и комплетирање на процесот на реформи. Според него, исто така е важно да не се изгуби поддршката за членство во ЕУ од македонското општество, кое, како што додава, е заморено од чекање, што го покажуваат и анкетите на јавното мислење.
„Затоа мора да бидеме многу внимателни да не ја изгубиме поддршката од општеството. За среќа, последните истражувања на јавното мислење што беа објавени пред само неколку недели, мислам дека се уште беа на нивото малку над 60 отсто така што мора да го искористиме тој ентузијазам“,
вели полскиот амбасадор во земјава.
Бримора притоа потенцира дека во моментов постои отворена можност за проширување на ЕУ што земјава да ја искористи.
„Вратите се отворени. Ова е многу поволен моментум за земјите-кандидати. Проблемот со светот денес, нестабилноста што ја споменавме, непредвидивоста, проблемот е дека ваквиот моментум може и да не трае вечно. Значи, задача на Владата на Северна Македонија е да го искористи овој моментум се додека трае“,
вели тој.
Полскиот амбасадор потсетува дека корупцијата е број еден проблем во општеството и порачува дека Владата и сите политички чинители треба да се бидат активни во борбата со неа и да ги стават работите под контрола.
Целото интервју со полскиот амбасадор во земјава можете да го погледнете во видеото подолу.
За потсетување Полска шестмесечното претседавањето со Советот на ЕУ го презеде на 1 јануари 2025 година, а по тој повод полскиот амбасадор во интервју за „360 степени“ тогаш ги сподели своите очекувања од претседавањето, меѓу другото, а во контекст на предизвиците пред кои се наоѓа земјава поврзани со спорот со Бугарија и уставните измени.