Полска, која од 1 јануари го презеде претседавањето со Советот на ЕУ, уверува дека проширувањето кон земјите од Западен Балкан е дел од нејзините приоритети во наредните шест месеци. Мариуш Бримора, вршителот на работи амбасадор на Полска во Северна Македонија, во интервјуто за „360 степени“ вели неговата земја ќе ги продолжи и зајакне активностите за забрзување на пристапувањето на регионот кон Унијата
Во однос на блокираните евроинтеграции на земјава, Бримора најавува дека полското претседателство ќе се вклучи во напорите за надминување на ќор-сокакот обелоденувајќи дека наскоро претставници на полското МНР ќе заминат за Софија каде, меѓу другото, ќе се разговара и за ситуацијата со Северна Македонија
В.д. амбасадорот на Полска е скептичен во однос на владината иницијатива за уставни измени со одложено дејство. „Можам да видам некои сојузници на владата кои инсистираат дека тоа е возможно. Но, од друга страна, нема навестување дека Брисел или Бугарија би ја промениле позицијата, дека се подготвени да ја сменат позицијата. Не сум сигурен дека овој предлог може да биде ефективен“, вели Бримора
360°: Амбасадоре, од пред неколку недели Полска го презеде претседавањето со Советот на ЕУ. Кои се приоритетите на вашата земја за наредните шест месеци?
Мариуш Бримора: „Ви благодарам што ме поканивте во вашата емисија и што дојдовте во амбасадата. Да, Полска го презеде претседавањето со Советот на ЕУ. Програмата за која прашувате е напишана на 50 страници и онлајн е достапна за јавноста. На оние кои би сакале да ги дознаат сите детали, би им препорачал да ја прочитаат програмата на www.poland25.eu. Сега, би сакал да укажам на две работи – првата ги опфаќа геополитичките околности во кои Полска го презеде претседавањето. Европа се соочува со последиците од руската варварска агресија врз Украина, тоа е главниот фактор. Ние се соочуваме со потребата од зајакнување на нашата одбрана и безбедност. Европејците се соочуваат со низа различни предизвици како климатската криза, економските проблеми, а погодени сме и од последиците на мигрантските бранови… Сето ова значи дека има бројни предизвици пред нас, и во овие околности, Полска реши дека безбедноста на Европа и на Европејците е прашање број еден за нашето претседателство. Но, безбедноста ја сфаќаме многу широко и затоа, во програмата, ја објаснуваме низ седум димензии. Првата е надворешната и внатрешната безбедност, потребата од зголемување на европските одбранбени способности кои се дополнети со активностите на НАТО, зголемено воено трошење, како и нашата воена индустрија. Третата димензија е отпорноста кон надворешни дезинформации и мешања. ЕУ и нејзините членки мора да ја зајакнат отпорноста на нашите демократии кон сите форми на радикализација. Наредно е безбедноста на бизнисите, односно економијата, и според нас има потреба од продлабочување на единствениот пазар и способноста за извршување активности преку границите, особено во делот на услугите. Енергијата е друга димензија на безбедноста и, според нас, ќе промовираме мерки за целосно повлекување од увозот на руски енергенти и намалување на цената на енергентите во Европа. Земјоделството е наредно, а на крај, секако не помалку важно, е здравствената безбедност – двете области исклучително важни за европските граѓани. Со овие седум димензии на безбедноста ги дефинираме нашите приоритети за наредните шест месеци.“

360°: Колку енергија полското претседателство ќе вложи во проширувањето, прашање од исклучителна важност за Северна Македонија, конкретно, проширувањето кон регионот на Западен Балкан?
Мариуш Бримора: „Апсолутно дека ќе вложиме енергија. Додека се подготвував да дојдам во Скопје, но и откако пристигнав, забележав низа медиумски извештаи во кои пишуваше дека Полска се откажала од Балканот како дел од нејзините приоритети. Тоа не е точно и тоа неколкупати беше кажано од високи претставници на нашата влада. Минатиот декември премиерот Туск, за време на посетата на Србија, изјави дека проширувањето на ЕУ ќе биде во фокусот на нашето внимание за време на претседавањето. Ќе ја повикаме новата висока претставничка Каја Калас, за време на нашето претседавање, да организира министерски состанок ЕУ-Западен Балкан за да се задржи интересот за соработка со регионот, да се процени напредокот во проширувањето и, на пример, да се постигне напредок во нормализацијата меѓу Србија и Косово. Ги поддржуваме земјите од Западен Балкан низ низа други активности и проекти како твининг-проектите, еден од нив наредната недела ќе биде отворен овде во Скопје. Со него ќе раководат полски експерти за транспортни прашања. Преку годишната академија за проширување, на која присуствуваат претставници на сите земји од регионот, нудиме билатерален трансфер на знаење за процесот на проширување. Значи, Северна Македонија ако поднесе барање за некакви консултации, наши експерти ќе бидат подготвени да го споделат тоа знаење. Треба да се напомене дека додека го снимаме ова интервју, вашиот министер за европски прашања, Орхан Муртезани, е на пат кон Варшава, каде в петок ќе се сретне со нашиот министер за ЕУ, Шлапка. Тој ќе има и низа средби со полски владини претставници, вклучувајќи и парламентарци кои се дел од групата на полско-балканското пријателство. Вчера добив уште една покана за министерот Муртезани да присуствува на состанок на Советот во Варшава кон крајот на февруари. Исто така, работиме и на организирање на посета на министерот за надворешни работи на Варшава, а за летото планираме да организираме посета на претседателот на Собранието на Полска, заедно со неколку парламентарци. Главна тема на сите овие состаноци ќе биде проширувањето и тоа значи дека Варшава не е пасивна.“
360°: Во приоритетите се наведува дека има потреба од консолидирање на реформите во земјите кандидатки и зачувување на кредибилитетот на ЕУ. Дали ова се однесува и на Северна Македонија и нејзините блокирани евроинтеграции?

Мариуш Бримора: „Ќор-сокакот за кој зборувате е сто проценти билатерално прашање и како такво треба да го решат инволвираните земји. Она што ние можеме да го направиме, мислам на останатите членки на ЕУ, е да поддржиме решение кое е во насока на постигнување компромис на каков било меѓународен форум или на ниво на ЕУ и ние дефинитивно ќе поддржиме такво решение. Но, зависи од вас, да почнете да разговарате и да договорите компромис. Дополнително, според мене, а зборувам врз основа на полското искуство, има уште еден фактор кој е многу важен, а тоа е помирувањето. Лично мислам дека треба да се почне со процес на помирување со Бугарите зашто, колку што знам, прашањето кое го блокира напредокот во ЕУ-проширувањето е дел од многу поширок и многу подолг историски спор. Полјаците, од сопственото искуство во помирувањето со Германците, многу добро знаат, а и се подготвени тоа искуство да го споделат… Еве, на пример, минатиот декември во Полска се одржа четвртиот специјален семинар за млади лидери и млади, организиран од нашето министерство во партнерство со Германија и фондацијата „Крижова“, за да се сподели полското искуство во процесот на помирување. Повратната информација која ја добивме од овие млади луѓе беше многу добра. Она што ветува е дека веќе има план за наредната година на овој семинар да поканиме и претставници од Бугарија од помладите генерации. Помирувањето е долготраен процес, треба време, но засега главна задача на вашата влада е да почне да разговара и да дојде до некаков заклучок, што е можно побрзо, прифатлив за двете земји. Но, тоа не значи дека ние нема да помогнеме. Колку што знам, нашиот заменик-министер за надворешни работи задолжен за европска политика, наредниот месец планира посета на Софија. Сигурен сум дека ќе ја искористи можноста да разговара и да ги охрабри бугарските партнери да размислат за билатерални разговори со кои ќе се постигне неопходниот компромис.“
360°: Значи, како претседателство со Советот на ЕУ планирате да разговарате и со Софија?
Мариуш Бримора: „Заменик-министерот ќе патува за Софија.“
360°: Кога зборувате за компромис, актуелната влада во Скопје турка иницијатива за уставни измени со одложено дејство. Дали оваа иницијатива, од перспектива на полското претседателство, е реално и можно решение за ќор-сокакот?
Мариуш Бримора: „Знам дека премиерот Мицкоски и неговата влада се надеваат дека Бугарија ќе се согласи со оваа одложена имплементација која, колку што разбирам, во практика би значела измени на македонскиот Устав подоцна, откако ќе станете членка на ЕУ, или откако ќе го отворите последното поглавје од преговорите. Можам да видам некои сојузници на владата кои инсистираат дека тоа е возможно. Но, од друга страна, нема навестување дека Брисел или Бугарија би ја промениле позицијата, дека се подготвени да ја сменат позицијата. Не сум сигурен дека овој предлог може да биде ефективен. Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, како што слушнавте, изјави дека очекува Македонија да ги имплементира уставните измени. Сè е поврзано со стариот латински принцип во меѓународното право – pacta sunt servanda, што значи дека договорите треба да се почитуваат. Се сеќавам на еден мој добар пријател, извонреден Американец со полски корени, генерал Ед Рауни, кој беше советник за безбедност на пет американски претседатели. Откако се пензионира, тој напиша книга за преговорите за разоружување меѓу САД и СССР. Книгата беше насловена „За танго треба двајца“. Некако верувам дека ова е вистинито и за вашата ситуација. Има многу добар момент за вие да напредувате во процесот. Знаеме дека годинава се одбележува 20-годишнината откако Северна Македонија стана земја кандидатка и таа сè уште е земја кандидатка. Свесни сме дека сега постои единствена можност за подготвеност за проширување на ЕУ со земјите од Балканот и тоа со нашето претседателство, со нови раководни лица во ЕУ… Прашањето е како да се искористи овој момент пред да го снема. Јас едноставно се плашам дека… Го почнавме разговорот за одредени предизвици со кои се соочува Европа, почнувајќи од војната која е на нашите граници до сите различни кризи со кои се бориме. Тоа може да резултира со ставање на вашите евроинтеграции на маргините. Ако на ова додадете одредени непредвидливости, како што е доаѓањето на новата американска администрација која може да го тргне фокусот од ЕУ кон други прашања како контролата врз Панамскиот Канал или проектот за мир во Украина, тогаш може да излезе дека приоритетите на ЕУ ќе се променат и дека моментот може ќе замине. Затоа, ако јас бев ваш советник, а не сум и тоа е само мое лично мислење, тогаш би сакал вашата влада да ги одмери работите „за“ и „против“ и да види што треба да направи за да добие најголем можен профит за граѓаните на Северна Македонија.“
360°: Назад на домашната сфера овде во земјава. Како го гледате процесот на реформи во Северна Македонија, има ли и кои се недостатоците и на што владата треба да се фокусира?
Мариуш Бримора: „Денеска присуствував на состанокот на вашиот министер за надворешни работи со ЕУ-амбасадорите во земјава, на кој имаше размена на мислења. Министерот имаше кусо обраќање и беше утврдено дека има одредени предизвици и недостатоци во реформскиот процес низ кој минува Македонија. Станува збор за независноста и ефикасноста на судството – извештаи на меѓународни организации укажуваат на политички влијанија врз судството, системската корупција останува голем проблем, сè уште се соочува со длабоки економски проблеми кои се резултат на негативни системи кои со години управувале со економијата на земјата. Знаеме дека имаше низа подобрувања, но сè уште има потреба од повеќе реформи и најверојатно еден од недостатоците за кој зборуваме е темпото на имплементирање на реформите, се чини дека овој процес треба да се забрза за да се исполни планираното на патот на европската интеграција.“