Шест државни инспекторати во земјава за четири дена направиле 11 358 надзори, информираше денеска претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Најмногу биле извршени од Државниот пазарен инспекторат – 9 658.
„Затворени се 21 угостителски објект во повеќе градови, како: Скопје, Куманово, Битола, Кочани, Гостивар и Струга. Овој инспекторат е задолжен и за контрола по одлуката за замрзнатите цени. Во таа насока, направил вкупно 869 надзори за контрола и кај одредени трговци од малопродажба е констатирана промена на цената, но веднаш се задолжени да ги вратат цените од 11 март“,
рече Филиповска-Грашоска.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат, пак, направи 111 надзори, а заклучокот е дека, генерално, се почитуваат мерките на Владата. Овој инспекторат во периодот од четирите дена издал и 5 130 дозволи за влез на професионални возачи на товарни возила, кои се потребни за непречено снабдување на државата со стоки.
„Дополнително, со цел навремено да се вршат контролите и да се проверат што е можно повеќе субјекти, УЈП ги стави на располагање сопствените капацитети и ресурси за да им помогне на инспекторите од Пазарниот инспекторат“,
рече претседателката на Инспекцискиот совет.
Агенцијата за храна и ветеринарство од 19 до 22 март спровела 189 надзори, а меѓу неправилностите што ги констатирале биле: во два објекти работеле лица кои немале направено, неправилно означување и неводење записи; во три објекти во врска со општата хигиенска состојба, а во девет месарници во врска со неправилно декларирање на месото и несоодветен начин на чување на истото.
Агенцијата за лекови МАЛМЕД, направила девет контроли, а претседателката на инспекцискиот совет го потенцираше тоа што овие инспекторати ја следеле доставата на подлоги за брис од Институтот за јавно здравје до Дебар, како и што вршеле надзор на доставата на лекови во Дебар и Центар Жупа.
Инспекторатот за труд, пак, направил 463 контроли и издал 11 решенија и 20 укажувања за работодавачите кои не постапиле според мерките на Владата за заштита од коронавирусот. Од вчера овој инспекторат ги интензивирал и контролите во производствените погоди, за кои се очекува извештај на наредната прес-конференција.
Кога е во прашање Инспекторатот за транспорт, пак, тој констатирал дека нема промени од она што беше констатирано пред неколку дена, односно дека меѓуопштинскиот сообраќај се одвива со намален интензитет до 80 проценти.