Павлов за „БГНЕС“ го критикуваше и начинот на кој премиерот Зоран Заев го честиташе овој празник на социјалните мрежи
Руската амбасада во земјава упати честитки по повод православниот државен празник Свети Климент Охридски, а таа наиде на негативни реакции од страна на Бугарија.
„На братскиот македонски народ му го честитаме државниот празник Свети Климент Охридски, големиот просветител, првиот словенски епископ, еден од основоположниците на кирилското писмо кое ги поврзува современите руски и македонски јазици“,
се вели во честитката на руската амбасада.
Бугарскиот универзитетски професор Пламен Павлов, кој се смета за голем познавач на балканската и бугарската историја, ова честитка ја оцени како „провокативна“, пишува „БГНЕС“.
„За жал, имаме уште една руска провокација која има за цел да забие клин помеѓу Бугарија и Северна Македонија и да ја искриви вистината до крајно невозможен степен. Сите историски извори, биографии и други документи јасно говорат за бугарската припадност на Свети Климент Охридски“,
изјавил Павлов.
Покрај ова, тој за „БГНЕС“ ја критикуваше и честитката на премиерот Зоран Заев, во која тој вели дека Свети Климент е жив споменик на нашата историја.
„Во својата изјава премиерот Зоран Заев воопшто не спомнува дека ликот и делото на Свети Климент Охридски се заеднички со Бугарија и се важни за бугарската историја и култура. Во период кога самот Заев бара помирување со Бугарија, односно бара заеднички јазик за решавање на билатералниот проблем, тој всушност покажува дека не се бара заеднички јазик и дека се продолжува со јазикот на лагите и бугарофобијата“,
вели Павлов.