По речиси две третини од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица сметаат дека членство на земјава во Европската Унија не би било добра работа, покажуваат податоците од истражувањето на јавното мислење насловено „Еврометар“, кое за потребите на „Евротинк“ – Центар за европски стратегии, го спровела агенцијата „Брима“ преку компјутерски асистирана телефонска анкета во периодот од 12 до 27 декември 2022 г. на репрезентативен примерок од 1 006 испитаници.
Вкрстените податоци според партиската афилијација на учесниците во истражувањето ги објави извршниот директор на „Евротинк“, Димитар Николовски, во гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Поконкретно, 22,5 % од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека членството на С Македонија во Европската Унија би било добра работа, додека 61,4 % одговориле дека тоа не би било добро. Кај гласачите на СДСМ, 63,7 % веруваат дека зачленувањето во ЕУ би било добра работа, а 16,8 % обратно. Кај поддржувачите на Левица бројките се речиси исти како кај ВМРО-ДПМНЕ – 25 % сметаат дека би било добро, а 62 % дека членство на земјава во ЕУ не би било добра работа.
Кај партиите на Албанците, за 90,5 % од поддржувачите на ДУИ влез во Унијата би била добра работа. Така мислат и 71,3 % од гласачите на Алијанса за Албанците и 76,5 % од оние што ја поддржуваат БЕСА.
Колку се согласувате со следново тврдење користејќи скала од 1 до 5, при што 1 значи дека целосно не се согласувате со тврдењето, а 5 дека целосно се согласувате? Генерално, членството на Северна Македонија во ЕУ би било добра работа?
4+5 | 3 | 1+2 | |
ВМРО-ДПМНЕ | 22,5 % | 15,7 % | 61,4 % |
СДСМ | 63,7 % | 14,7 % | 16,8 % |
Алијанса за Албанците | 71,3 % | 8,6 % | 17,1 % |
БЕСА | 76,5 % | 15,8 % | 7,7 % |
ДУИ | 90,5 % | 5 % | 3,5 % |
ДПА | 91,7 % | / | 8,3 % |
Левица | 25 % | 4,7 % | 62 % |
Севкупно, за 49 отсто од испитаниците во анкетата влез во ЕУ е добра работа, што е пад за дваесет процентни поени во однос на ланската анкета.
Според директорот на „Евротинк“, огромниот пад на поддршката се должи на заморот кај граѓаните – од една страна, внесувањето многу енергија, а од друга – разочарувањата од ветата од Франција, па од Бугарија.

„Но, сега го гледаме овој огромен пад, јас би рекол и поради некои други разочарувања, а не само поради процесот кон Европската Унија. Јас ова би го нарекол најмногу замор. Поради тоа што подолг период се внесува огромна енергија во овие процеси и гледаме на кој начин се откочи самиот процес со прифаќањето на францускиот предлог и колку тоа беше контроверзно во самото општество, особено за етничките Македонци“,
вели Николовски.
На прашањето каков е односот на Европската Унија кон С Македонија, 65 % рекле дека тој е нефер, надмен и уценувачки, додека само за 17 отсто односот е фер, пријателски и коректен. Разликата во однос на претходните години е очигледна и видлива на приказот подолу.

Кога овие податоци ќе се вкрстат со одговорот на прашањето за која партија ќе гласате на изборите, 85,1 % од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и 89,3 % на Левица одговориле дека односот на ЕУ е нефер, надмен и уценувачки, додека ваков одговор дале 39,2 % од гласачите на СДСМ. Кај гласачите на ДУИ и на БЕСА – 55,7 %, односно 54,5 % сметаат дека ЕУ има фер однос кон земјава. Така одговориле и 38,3 % од оние што ја поддржуваат Алијанса за Албанците.
Луѓето понекогаш дискутираат за односот на Европската унија кон Македонија. Генерално гледано, како би го оцениле овој однос?
ВМРО-ДПМНЕ | СДСМ | Алијанса на Албанците | БЕСА | ДУИ | ДПА | Левица | Друга | |||
1 | 1. Односот на ЕУ е нефер, надмен и уценувачки | 85,1 | 39,2 | 10,4 | 11,1 | 2,8 | 8,3 | 89,3 | 29,0 | |
2 | 2 | 6,0 | 17,6 | 16,2 | 4,2 | 3,6 | 13,1 | 2,0 | / | |
3 | 3 | 6,3 | 23,5 | 32,6 | 21,6 | 24,5 | 63,1 | 8,7 | 40,8 | |
4 | 4 | 1,4 | 7,5 | 2,5 | 8,5 | 12,2 | 2,7 | / | / | |
5 | 5. Односот на ЕУ кон Македонија е фер, пријателски и | 0 | 9,5 | 38,3 | 54,5 | 55,7 | 12,8 | 0 | 30,2 | |
Не знам | 1,2 | 2,6 | 0 | / | 1,2 | / | / | / |