Првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби најавува дека за две недели и останатите ќе ги подигнат решенија и ќе одат на работа каде што се распределени
Една третина од административците вработени по Рамковен договор, или 349 (од вкупно 1 349) денеска ги потпишале решенијата и од утре може да почнат со работа.
Во гостување на „Топ тема“, првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби рече дека повеќето од овие лица – 143, се распределени во МВР, а останатите во Царинската управа, УЈП, Агенцијата за вработување. Меѓу нив има од сите тники заедници – претежно за Албанци, но и има и Роми, Македонци, Срби и Турци. Единствено нема Власи.
До крајот на неделата ќе заврши подготовката на решенијата за сите и најдоцна за две недели сите ќе почнат со работа.
Груби објаснува дека овие вработувања не се нови и со нив нема да се зголеми бројот на јавната администрација, ниту ќе има какви било финансиски импликации.
„Листата која е усвоена во Владата произлезе со споредување на годишните планови за вработувања на МИОА со листа во Министерството за политички систем со сите празни места согласно систематизацијата, кои се совпаднаа“,
вели Груби.
Според Груби, причина што овие вработени речиси една деценија не одеа на работа, а земаа плата се честите избори.
„Рамковните вработувања беа успешна приказна, но затаи поради честите избори. Се наталожи огромна бројка и не успеа целосно распределувањето на сите административци. Системот функционираше до 2010 година, а потоа почна да затајува поради политичките проблеми. Секоја година имаше изборни циклуси. По вина на институциите не се вработени овие луѓе. Поради тоа мораше да се донесе лекс специјалис во кој се определени роковите за нивна распределба“,
вели Груби.
Некои од институциите кои ги праша „360 степени“ викендов не знаат што ќе прават со овие врабнотени кои им се распоредени, бидејќи некои од нив не одговараат на профилот што го бара институцијата.