Меѓу барањата и апелите на Мицкоски се да не се злоупотребуваат службените возила и пари за ненаменски трошења и градоначалниците да излезат на терен и да комуницираат со граѓаните
Независно од политичките случувања поврзани со централната власт, оставката или неоставката на Зоран Заев, падот на актуелната влада, сметам дека е многу значајно по ниту една цена да не се занемари она што беше ветено на граѓаните во изминатиот период на локалните избори, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција.
Тој беше придружуван од новоизбраните градоначалници од неговата партија со кои денеска има состанок и од нив, како што кажа, бара три работи.
„Како прво, имајќи предвид дека во програмите ’Гарантирам‘ имаме предвидено сериозни капитални проекти, ќе побарам на состанокот после оваа прес-конференција од градоначалниците во наредните триесет дена да започнат со активности за реализација на најмалку три капитални проекти од инфраструктурен карактер со кој ќе решат значајни проблеми на граѓаните од тие општини“,
рече Мицкоски.
Второ, наведе тој, е да покажат скромност во делувањето и да се откажат од привилегиите. Веднаш, апелираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, да се откажат од употреба или злоупотреба на службените возила надвор од службените потреби на општините, како и да нема злоупотреби на парите за ненаменски трошоци, како што се скапи ручеци.
„Како трета работа, побарав да се излезе на терен и да бидат во постојана комуникација со граѓаните и заеднички да учествуваат во решавањето на нивните проблеми. Нашето место, како што тоа впрочем го зборувавме во кампањата, не е во удобните фотелји, туку меѓу народот кому му треба помош, бидејќи лошо живее. Секое едно ветување кое го дадовме не го забораваме и тоа за мене е огромна одговорност. Довербата нема да биде прокоцкана, од ниту еден од овие луѓе коишто се зад мене“,
рече Мицкоски.
Тој ја повика и јавноста да биде коректор на власта на локално ниво.