Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 45 нови пациенти поради компликации од корона вирусот.
Со тоа вкупниот број на сомнителни и потврдени за ковид-19 кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град изнесува 440, соопшти Министерството за здравство.
Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 21 прием и тоа: осум пациенти биле хоспитализирани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, двајца во ковид-центарот на Клиниката за Неврологија, 11 пациенти се примени на Клиниката за нефрологија. Во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 14 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени десет лица.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 38 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 26 пациенти, на Клиниката за неврологија 38 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 49 пациенти со симптоми на корона вирусот, на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, а во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 22 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има 79 хоспитализирани, на Клиниката за инфективни болести 159 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 40 пациенти, од кои 11 деца и 30 возрасни.
И покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 20-ина слободни места, а се очекува во текот на денот да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“.
Во текот на утрешниот ден ќе се отвори за прием и ковид-центарот на Клиниката за очни болести со капацитет од 33 кревети.