Во последните 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 28 нови пациенти, а моменталната бројка на лица што лежат во овие болници изнесува 426.
Од Министерството за здравство уверуваат дека има доволно капацитети, а најавуваат дека во наредните денови пациенти ќе почнат да се хоспитализираат и во Клиниката за оториноларингологија (ОРЛ).
„И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, слободни места во моментов има доволно во ковид-центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во Градската општа болница ’8 Септември‘. Во наредните неколку дена со работат ќе почне и ковид-центарот на Клиниката ОРЛ. Сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти што имаат потреба од кислородна поддршка“,
велат од Министерството за здравство.
Најмногу од новите 28 пациенти се хоспитализирани на интерните клиники, и тоа: еден на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ; еден на Клиниката за неврологија; двајца на Клиниката за дерматовенерологија; седум на Клиниката за гастроентерохепатологија и осум на Клиниката за нефрологија.
Во Градската општа болница „8 Септември“, пак, последното деноноќие примени се пет нови пациенти, а на Инфективната клиника четворица.
Од вчера пациенти се примаат на Клиниката за нефрологија
Осумте пациенти што вчера се примени на Клиниката за нефрологија се првите што се сместени во оваа установа, која од вчера почнала да прима ковид-пациенти. Таму има уште 17 слободни кревети.
На Кожната клиника, пак, се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија има 35 болни, а на Институтот за ТБЦ 55 пациенти, а на Клиниката за гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 25 лица.
Во „8 Септември“ има 79 хоспитализирани, а на Клиниката за инфективни болести лежат 160 пациенти. Во детската болница во Козле има 40 пациенти, од кои 12 деца и 28 возрасни.