Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата и нејзиното продолжение го закажа за утре во 11 часот. За збор се пријавени вкупно 42 пратеници
Пратениците нема да гласаат „за“ или „против“ францускиот предлог, односно преговарачката рамка што ја предложи француското претседателство со ЕУ, туку за заклучоци со кои на Владата ѝ се дава насока и се задолжува за што може, а за што не може да преговара во процесот на интеграција во ЕУ
По воведното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски и на уште неколкумина пратеници од власта и опозицијата, заврши денешниот прв дел од 81. седница на Собранието на чиј дневен ред е владината Информација за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија, предложена од француското претседателство.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за време на седницата свиреа со вувузели, поради што јавноста едвај можеше да ги слушне говорите на премиерот Ковачевски, како и на другите пратеници од владејачкото мнозинство – со исклучок на Павле Трајанов од Демократски сојуз, кој говореше без позадински скандирања и свирежи.
Премиерот Ковачевски посочи дека билатералните прашања не се дел од Преговарачката рамка со Брисел, дека таа е ослободена од ваков тип прашања и дека со европскиот предлог се дефинира одржување на првата Меѓувладина конференција веднаш.
„Јас, Димитар Ковачевски, сум Македонец од раѓање.Знам една работа. Ниту една хартија не може да ми го одземе или намали мојот идентитет, јазик и историја, кои ме прават Македонец и за кои имам света обврска да ги почитувам и зајакнам. Немам дилема по ниту еден основ и прашања… Со цврста убеденост, со чиста совест и полно срце, предлагам да го прифатиме предлогот и да продолжиме напред, со заштитено минато, со извесна и стабилна сегашност, во конечно подобра иднина“,
повика Ковачевски, чиј говор може интегрално да го прочитате тука.
Пратеникот Павле Трајанов од ДС рече дека смета оти се многу блиску да се донесат некакви заклучоци од она што го чул од говорот на Урсула фон дер Лајен и од денешната прес-конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Јас сум за една меѓувладина конференција со која ќе почнат преговорите, а потоа да се отвораат кластерите“,
рече Трајанов.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ носеа маички со испис „НЕ“, скандираа „предавници“, а со себе на собраниските столчиња имаа и различни транспаренти.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, рече дека нема да има промена на Устав по бугарски диктат и без гаранции за Македонците.
„Доста си игравте со Македонија. Слушнете го гласот на народот. Зошто и го прават ова на државата и народот и државата кога знаат дека почеток за преговори нема да има. Дојдоа со агенда за живот и економија, а се занимаваат со продажба на најсветото. Совет за премиерот, прво народот те плаќа да го браниш неговите интереси, а не да ги распродаваш, а второ, ќе скапеш во затвор. Имате време да кажете не, на вас останува“,
рече Ковачки.


Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, отиде чекор понатаму и го запали францускиот предлог.

Пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски, го праша колегата од ВМРО-ДПМНЕ, Ковачки, која е неговата поврзаност со луѓето со качулки на протестите.

„Вистината е една, македонскиот јазик е чист, преку тоа и македонскиот идентитет, но вие и понатаму продолжувате да ги нарушувате меѓучовечките односи, да иницирате меѓуетнички тензии, затоа што само тоа го знаете. Вашиот партнер е Левица и ова сценарио веќе сме го виделе на 27 април, кога на ист ваков начин лажевте за кантонизација и федерализација. На крај, ќе ви кажам дека сте кукавици, бидејќи манипулирате со 18-годишни момчиња, исто како што манипулиравте на 27 април сé со цел да остварите некој политички поен“,
рече Каевски од СДСМ, чиј говор, исто така, беше проследен со свирежи од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците нема да гласаат „за“ или „против“ францускиот предлог, односно преговарачката рамка што ја предложи француското претседателство со ЕУ, туку за заклучоци со кои на Владата ѝ се дава насока и се задолжува за што може, а за што не може да преговара во процесот на интеграција во ЕУ.
Претставниците на владината коалиција до Собранието веќе доставија предлог-заклучоци. Со нив, владата се задолжува во процесот на преговори за членство во ЕУ доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара со ЕУ.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата и нејзиното продолжение го закажа за утре во 11 часот. За збор се пријавени 42 пратеници.
Инаку, пред почетокот на денешната седница, пратеникот и лидер Левица, Димитар Апасиев, го праша собранискиот спикер зошто има вооружени лица низ парламентот, по што Талат Џафери му одговори дека тоа се лица кои по закон ги обезбедуваат функционерите (претседател, премиер и министри) и тие можат слободно да се движат низ законодавниот дом.