Српскиот министер за одбрана, на изјавата од Кабинетот на Пендаровски за косовскиот весник „Газета експрес“, остро возврати дека никој него не го прашува претседателот на Северна Македонија за мислење за ова прашање
Српскиот министер за одбрана Александар Вулин остро реагираше на изјавата од Кабинетот за претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, за косовскиот весник „Газета експерс“, во која вели дека е против идејата за корекција на границата меѓу Белград и Приштина.
„Претседателот на Северна Македонија може слободно да молчи на јазикот кој никој освен Србија не го признава, а на останатите јазици може уште погласно да молчи, бидејќи никој ниту бара ниту го прифаќа неговото мислење“,
изјави Вулин, пренесе РТС.
Вулин реагира на изјавата што ја објави приштинскиот весник „Газета експрес“ во која се вели дека Пендаровски ги поддржува напорите на САД и на ЕУ да се дојде до напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека се залага за компромисна спогодба која би имала силна меѓународна гаранција и би придонела за стабилноста.
„Претседателот Пендаровски верува дека решенија кои можат да доведат до промена на границите и размена на територии и луѓе може да имаат штетно влијание врз регионот и врз сеоопфатните напори кои се вложуваат во постконфликтното опоравување на регионот и изградбата на одржливи мултиетнички општества“,
ја пренесува РТС, изјавата на претставичката на Кабинетот на Пендаровски, Билјана Радева за „Газета“.
Понатаму, според РТС, во неа се додава дека Пендаровски разбира дека може да постојат различни погледи за решение и ги повикува страните вклучени во тој процес меѓусебно да изградат доверба и да ги намалат тензиите за да има напредок кон компромис.