Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва од Париз се обрати коментирајќи ги протестите ширум Србија и вечерашните судири во Белград, каде демонстранти се обидоа да упаднат во Собранието.
„Исходот е јасен. Сторителите ќе бидат поразени, а добар дел од нив ќе бидат уапсени и ќе одговорат за делата што ги направиле. Конечно, сите маски паднаа, можете да измамите некого два дена, третиот не може“,
рече Вучиќ.
Тој се осврна и на вечерашниот инцидент пред парламентот, кога еден од демонстрантите бил прободен со нож.
„Десничарите и левичарите, фашистите и антифашистите започнаа да се борат меѓу себе. Оној што го прободе другиот, се исплашил и побарал помош од полицијата, а потоа другиот, прободен, дошол во полиција, која му помогнала. Тоа се сите оние кои со денови тепаат полицајци, фрлаат со се и сешто. Полицијата ги уапси двајцата, и им пружа лекарска помош“, рече Вучиќ.
За Вучиќ протестите се „чист тероризам“ и рече оти верува дека народот е против немири на улиците.
„Никој нормален не го прифаќа тоа. Видовте некои поранешни пратеници кои грабаат од народот. Нема никој да дојде на власт со насилство, туку само на избори. Ги молам луѓето да не излегуваат на протести, за да не завршат в болница“, нагласи српскиот претседател.
Вучиќ се осврна и на ситуацијата со коронавирусот.
„Денешниот биланс е резултат од пред пет дена. Како дојдовме до тоа? Со чија неодговорност? Оние кои ги бојкотираа изборите ги повикуваа вечерва луѓето да го затворат автопатот кај Нови Сад, тоа е чист тероризам. Немојте да го загрозувате здравјето на луѓето, секоја вечер организирано да заразувате одреден број луѓе. Државата не дозволи одржување на овие протести“, истакна Вучиќ.