Судири со полицијата, повредени и приведени демонстранти. Тензична е атмосферата на вечерашните протести во Белград, откако толпа народ се обиде да упадне во српскиот парламент.
Демонстранти ја пробија заштитната ограда пред влезот на законодавниот дом, по што се судрија со полицискиот кордон.
Тие фрлаат со камења и запалени бакли, а на едно лице му е нанесена повреда со нож.
Српскиот министер за надворешни работи Небојша Стефановиќ изјави дека вечерва пред Парламентот се случуваат брутални сцени на насилство и дека полицијата морала да реагира, со цел да го заштити јавниот ред и мир и имотот.
„Имаме насилство и кршење прозорци на Парламентот и инвентарот, камери на зградата, напад врз влезот и обид да се повредат полицајците врз кои се фрлаат камења“,
истакна Стефановиќ за ТВ Прва.
Ова е четврти ден со протести ширум Србија. Освен во Белград, граѓани излегоа на улиците и во Нови Сад, Ваљево, Ниш, Лесковац, Пирот и Врање.
Во Ниш собирот започна пред зградата на Градското собрание, а демонстрантите, кои се главно млади луѓе, го блокирале и автопатот.
Српските медиуми јавија дека претседателот Александар Вучиќ за вечерва најави обраќање пред јавноста.
Претходно, тој ги оцени протестите како најбруталното политичко насилство во последните неколку години во земјата. Според него, немирите се организирани од, како што рече, криминалното подземје, но и од странскиот фактор.
Вучиќ ги повика сите луѓе во земјата да бидат одговорни и ги замоли да не излегуваат на вакви собири поради високите бројки на заразени и починати од ковид. Тој рече дека по препорака на епидемиолозите, сепак, ќе има заострување на мерките, посебно во Белград, но рече дека можеби и нема да има полициски час од петок до понеделник, како што најави претходно.