Српскиот претседател Александар Вучиќ, обраќајќи се на онлајн панел-дискусијата на Економскиот форум Делфи за пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ, изјави дека во голема мера го цени пријателството на трите држави, Србија, Албанија и Северна Македонија, кои се на патот кон ЕУ и дека многу ја цени тешката и посветена работа на комесарот за проширување Оливер Вархеји.
Вучиќ зборуваше за иницијативата на овие три држави „Мал Шенген“ чија цел е како што рече да се овозможи слободен проток на луѓе, стоки, притоа заблагодарувајќи и се на ЕУ, која се залага за истите вредности.
„Гледаме дека треба да соработуваме не само за прашањето на економските односи, туку исто така сакаме да ги подобриме нашите односи на план на инфраструктурата и поврзаноста“,
кажа Вучиќ.
Тој посочи дека земјите во регионот треба да ја оживеат и да ја обноват довербата меѓу себе, додавајќи дека тоа е можно со заедничка работа во економскиот сектор, но и на полето на политиката.
„Сакам владите од сите три земји да градат мостови на доверба и верба, а луѓето од нашиот регион тоа ќе знаат да го ценат“,
оцени Вучиќ.
На панелот за пристапување на Западен Балкан во ЕУ, каде говореа и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, албанскиот премиер Еди Рама и поранешниот премиер на Северна Македонија Зоран Заев, Вучиќ оцени дека Србија прави максимални напори на реформскиот пат во европските интеграции, во областа на владеењето на правото, реформите во економскиот сектор и во поддршката за слободни медиуми.