Рашиќ на функцијата министер за заедници на Косово, а Трајковиќ за негова советничка беа поставени откако Србите од Српската листа, поддржана од власта во Белград, решија колективно да ги напуштат институциите
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска излезе со остри критики и навреди за Србите кои влегоа во владата на косовскиот премиер Албин Курти.
Тој ја критикуваше одлуката лидерот на Прогресивната демократска партија, Ненад Рашиќ, да биде министер за заедници на Косово, а партиската потпретседателка Рада Трајковиќ да биде советничка на премиерот.
Вучиќ за Трајковиќ рекол дека е „српско ѓубре од дното на казанот“, а на Курти му го доделил епитетот „терористичко ѓубре“.
„Изборот на Рашиќ, човек кој доби еден отсто гласови, како и на Рада Трајковиќ која беше на неговата листа, покажува дека тие сакаат прогон, протерување и исчезнување на Србите од Косово и Метохија“,
изјави Вучиќ за Пинк ТВ.
Тој додаде дека од Рашиќ и Трајковиќ „не постојат полоши“ и дека тие немаат доверба кај Србите на Косово туку „доверба од западните агенции и терористичкото ѓубре Курти“.
Реакциите од ЕУ за именувањето на Рашиќ, српскиот претседател ги нарече срамни и нагласи дека поради тоа делегација од Србија нема да учествува на самитот на Унијата и Западниот Балкан во Тирана.
Рашиќ на функцијата министер беше поставен откако од функцијата оставка поднесе Горан Ракиќ од редовите на Српската листа, која е поддржана од властите во Белград.
Ракиќ, како и другите косовските Срби колективно ги напуштија институциите во знак на протест поради одлуката на владата на Косово за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки со РКС (Република Косово).