Претседателот Вучиќ изјави дека во Србија и Северна Македонија постои силна политичка волја за натамошно зајакнување на соработката и предложи конкретни чекори на полето на трговијата, туризмот, културата и спортот
Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, при што двајцата официјални претставници се согласија дека односите меѓу двете земји се најдобри во модерната историја.

Премиерот Ковачевски истакна дека нема повеќе отворени прашања меѓу Србија и Северна Македонија и дека партнерството меѓу двете земји е пример за регионот. Тој рече и дека трите документи, кои се потпишани за време на неговата посета на Белград, ќе дадат дополнителен поттик за зајакнување на соработката.
Претседателот Вучиќ изјави дека во Србија и Северна Македонија постои силна политичка волја за натамошно зајакнување на соработката и предложи конкретни чекори на полето на трговијата, туризмот, културата и спортот.
Вучиќ додаде дека Србија е решена да промовира позитивна агенда ориентирана кон иднината во односите во регионот, што може да се види преку нејзината активна улога во иницијативата Отворен Балкан, а со премиерот Ковачевски разговараа за соработката во рамките на таа иницијатива и дополнителните придобивки кои ќе ги имаат граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија.
Заеднички пленарен состанок денеска во Белград одржаа и двете делегации на Србија и Северна Македонија, во рамките на официјалната посета на премиерот Димитар Ковачевски и владината делегација во која се министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за транспорт и врски Благој Бочварски, како и заменик-министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски.
Заедничкиот состанок на министрите од владите на Северна Македонија и на Србија го отвори премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која уште еднаш посака добредојде на нашата владина делегација која е во официјална посета на Белград.
На состанокот од владата на Република Србија присутни беа министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, Јелена Танасковиќ министерка за земјоделство, шумарство и водостопанство, Горан Весиќ министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура и Дубравка Џедовиќ, министерка за рударство и енергетика.
„Двете владини делегации на состанокот ја истакнаа важноста на тесна соработка помеѓу министерствата и институциите, на Северна Македонија и Србија, како и потпишувањето на повеќе меморандуми за уште поголемо унапредување на соработката речиси во сите области. Билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Србија никогаш не биле подобри од денес и се без отворени прашања. Како добри соседи, успешно ги надминавме и предизвиците од економско-енергетската криза, во рамки на Берлински процес, иницијативата Отворен Балкан“,
се наведува во соопштението од прес службата на македонската Влада.
На состанокот, додаваат оттаму, беа потенцирани одличните пријателски односи меѓу двете земји, тесната соработка, продлабочување на заемните интереси, како и заедничката определба за Западен Балкан да е регион на траен мир целосно интегриран во ЕУ.