Српскиот претседател Александар Вучиќ кажа и дека кога ќе сфати дека не може повеќе, нема да води таква политика, но нагласи дека Србија веќе една година и седум месеци води чесна, фер и одговорна политика
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа од Њујорк, каде што учествува на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), изјави дека Србија сè уште нема да воведува санкции кон Русија, но и дека очекува притисок кога станува збор за позицијата на неговата земја по ова прашање.
Кажа дека очекува нов притисок од Западот во врска со воведувањето санкции против Русија поради инвазијата на Украина и оти очекува европските претставници да му „држат предавања“ на оваа тема.
„Внимателно ќе ги слушам и ќе кажам – ја водам Србија како претседател и сè додека мислиме дека можеме да ги издржиме овие проповеди, ќе ја водиме оваа политика“,
рече Вучиќ одговарајќи на новинарски прашања.
Српскиот претседател кажа и дека кога ќе сфати дека не може повеќе, нема да води таква политика, но нагласи дека Србија веќе една година и седум месеци води чесна, фер и одговорна политика.
Ден претходно, на 18 септември, високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, изјави дека Србија не ја почитува последната одлука на ЕУ за продолжување на санкциите против Русија за една година.
Станува збор за санкциите што ЕУ ги воведе во 2014 година поради анексиите на Крим и Севастопол, а кои редовно се продолжуваат со најновата одлука на Советот на ЕУ.
Соседна Србија е единствената земја во регионот и меѓу ретките во Европа која не воведе никакви санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина која започна во февруари 2022 година.