Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека доколку неговите опоненти ја добијат довербата од граѓаните за да ја водат државата во следните четири години тој ќе им даде мандат, а со давањето мандат ќе се повлече од претседателската позиција
На предизборниот митинг на Српската напредна партија во Смедерево, доскорашниот лидер на партијата и актуелен претседател на Србија, Александар Вучиќ, најави дека доколку опозицијата победи на вонредните парламентарни избори тој ќе се повлече од претседателската функција бидејќи, како што кажа, не би сакал да биде претседател ако премиер е некој од оние што ја уништувале државата.
„Ако победат на изборите, ќе им дадам мандат. Но, не поради тоа што не сакам повеќе да бидам претседател, зашто после тоа не можам ништо да направам за граѓаните на Србија. И сакам луѓето во Србија да го знаат тоа. Да се преправам дека сум претседател за да имам чанта, вратоврска, секретарка и да се чувствувам добро, а на народот да му биде лошо – нема да си го направам тоа себеси. И јас не сакам да бидам претседател“,
кажа Вучиќ.
Тој рече и дека граѓаните на 17 декември нема да гласаат само за пратеници и премиер, туку и за свој претседател.
„За или против мене, баш како што тие велат”, рече Вучиќ на промоцијата на изборната листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“.