Како причина за откажување или одложување на меѓународниот настан „Еуропрајд“ кој требаше да се одржи во Белград, српскиот претседател Вучиќ ја спомена актуелната политичка состојба во која се наоѓа Србија, притоа посочувајќи ја и кризата во Косово
Од друга страна, пак, координаторот на „Европрајд 2022“, Марко Михаиловиќ, кажа дека државата не може да го откаже настанот, но може само да се обиде да го забрани, што би било јасно кршење на Уставот

EPA-EFE/ANDREJ CUKIC
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека во договор со мнозинството членови на Владата, меѓународниот настан „Европрајд 2022“ кој требаше да се одржи во септември во Белград, ќе биде откажан или одложен.
Тој посочи дека премиерот и членовите на Владата ќе го објаснат одложувањето на манифестацијата согласно Закон, посочувајќи дека Парадата не може да се одржи со оглед на актуелната политичка состојба во Србија.
„Не го велам тоа затоа што сум многу среќен. Го велам затоа што не можеме во овој момент, кога го имаме ‘Отворениот Балкан’ и тешката криза на Косово и Метохија која нема да заврши барем до 1 октомври, имаме многу проблеми“,
рече Вучиќ на прес-конференцијата.
Тој посочи дека со ова е загрозено правото на малцинството, но како што кажа, во моментот Србија е под притисоци од сите страни.
„Не е прашање дали тие (притисоците) се посилни, само во одреден момент не можеш се да постигнеш и тоа е тоа“,
изјави Вучиќ.
Од Владата на Србија соопштија дека сметаат оти во овој момент нема услови за безбедно одржување на настанот „Европрајд 2022“ и потенцираат дека при донесувањето на оваа одлука ја земале предвид актуелната политичка состојба во регионот и секојдневните тензии кои се присутни.
Во соопштението се додава дека одредени екстремистички групи би можеле да го искористат и злоупотребат овој настан и волјата на Србија за да се организира, со цел дополнително да се зголемат тензиите и да ја доведат Србија во нестабилност.
Меѓународната Парада на гордоста „Европрајд 2022“ беше најавена дека ќе се одржи во Белград во средината на септември, односно од 12 до 18 септември. Европската манифестација требаше за прв пат да се одржи на Балканот, а организаторите најавуваа околу 15 000 туристи и посетители.
Во меѓувреме, откако претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави дека манифестацијата ќе биде откажана, координаторот на „Европрајд 2022“, Марко Михаиловиќ, најави дека овој настан сепак ќе се одржи, бидејќи не може да биде откажан.
„Државата не може да го откаже ‘Европрајд’ – може само да се обиде да го забрани, што би било јасно кршење на Уставот како и пресудата на Уставниот суд со коja забраната за одржување на Прајдот од 2011, 2012, 2013 година го прогласи за неуставно“,
истакна Михаиловиќ на својот твитер-профил.
Država EuroPride ne može da otkaže – može samo da proba da ga zabrani, što bi bilo jasno kršenje Ustava kao i presuda ustavnog suda koje zabrane Prajda iz 2011,12,13. god. proglašavaju neustavnim.
— Marko Mihailović (@PalpFiksn) August 27, 2022
Prajd se održava po planu 17.09. u 17h ispred Narodne Skupštine!
??️???
Како што нагласи Михаиловиќ, настанот ќе се одржи според планираното, на 17 септември во 17 часот пред Народното собрание.