Европската Унија (ЕУ) оформи заеднички надзорен одбор кој ќе го следи спроведувањето на Договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија кој беше постигнат меѓу лидерите на двете земји на средбата во Охрид на 18 март годинава
Кога Косово ќе ја формира Заедницата на српски општини (ЗСО), која е предвидена со Бриселскиот договор, тогаш Србија ќе го исполни својот дел од обврските од дијалогот со Приштина, изјави денеска претседателот на Србија Александар Вучиќ.
„Нема игра во врска со тоа. Мора да го исполните, и само кога вие ќе го исполните, тогаш ние ќе го исполниме нашиот дел. Можеби како гест на добра волја ќе направиме нешто еднострано, но тоа нема никаква врска со вашата обврска целосно да го исполните тоа, за дури потоа да направиме се останато“,
изјави Вучиќ по средбата со министерот за надворешни работи на Шведска, Тобијас Билстром, пренесе Бета.
Тој рече дека денес се зборува дека Албанците треба да започнат процес на формирање на ЗСО, а Србија веднаш да исполни „сè што ќе им текне“.
„Не, работите одат вака: денеска се навршуваат 10 години од усвојувањето на Бриселскиот договор, ја формирате ЗСО со суштински овластувања, а кога тоа ќе го направите, Србија ќе си го исполни својот дел од работата“,
рече Вучиќ.
Претседателот на Србија изјави дека на шефот на шведската дипломатија му ги повторил ставовите на Србија. Му кажал што е подготвена Србија да исполни, како и дека нема да го поддржи членството на Косово во Обединетите нации.
Европската Унија (ЕУ) оформи заеднички надзорен одбор кој ќе го следи спроведувањето на договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија кој беше постигнат меѓу лидерите на двете земји на средбата во Охрид на 18 март годинава.
Регионалниот сервис на Радио Слободна Европа пишува дека формирањето на заедничкиот одбор е предвидено во анексот за спроведување на Договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Според анексот, формирањето на мешовитиот надзорен одбор е предвидено да се случи во рок од 30 дена по постигнувањето на договорот. Иако лидерите на Косово и Србија не потпишаа никаков документ на средбата во Охрид, сепак, според толкувањето на европските претставници, договорот е правнообврзувачки за двете страни.