Ова патување Вучиќ го најави на прес-конференција одржана на 16 мај, посочувајќи дека го смета за круна на неговата кариера бидејќи кај кинескиот лидер Си Ѓинпинг оди по неодамнешната посета на американскиот претседател Доналд Трамп и актуелната на рускиот Владимир Путин
Српскиот претседател Александар Вучиќ ќе престојува во официјална посета на Кина од 24 до 28 мај 2026 година, на покана на кинескиот лидер Си Ѓинпинг, објави денеска претседателството на Србија.

Ова патување Вучиќ го најави на прес-конференција одржана на 16 мај, посочувајќи дека го смета за круна на неговата кариера бидејќи кај кинескиот лидер Си Ѓинпинг оди по скорешната посета на американскиот претседател Доналд Трамп и актуелната на рускиот, Владимир Путин.
Потоа рече дека неговите очекувања од посетата на Кина се големи.
„Само немојте да го изгубите од вид тоа колку промени се случија. Го зголемивме извозот во Кина за 330 пати. Имавме нула фабрики, денес имаме 37 кинески фабрики во нашата земја. Очекуваме многу, подготовките се во тек, најсериозните досега и за мене. Како политички ветеран, ова е круната на мојата кариера и веројатно најзначајната посета за доброто на граѓаните на Србија“,
изјави Вучиќ во саботата пред новинарите во Палатата на Србија.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера ја започна својата дводневна посета на Пекинг, каде што се очекува со кинескиот претседател да разговараат за проширување на соработката и за актуелни глобални прашања.
Посетата на Путин на Кина доаѓа неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши својата посета на земјата. Иако се очекува Си да го информира Путин за овие разговори, сепак претставници на Кремљ изјавија дека посетата е планирана претходно и не се смета за директен одговор на Трамп.
Според „Глобал тајмс“, Кина сè повеќе се развива во центар на светската дипломатија, посочувајќи дека е исклучително ретко една земја да ги угости лидерите на САД и на Русија еден по друг во рок од седум дена.
