Српскиот претседател им вети на оние кои ги напуштиле косовските институции дека ќе бидат вработени во државните органи на Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска им додели медали на поранешниот директор на Регионалната полициска управа на Северна Митровица, Ненад Ѓуриќ и началникот на Регионалното оперативно работење на таа управа, Александар Филиповиќ.
Ѓуриќ беше одликуван со Орден за заслуги од прв степен за одбрана и безбедност, а Филиповиќ со златен медал за храброст „Милош Обилиќ“ бидејќи одби да ја спроведе одлуката на владата на Косово за пререгистрација на автомобилските таблички.
На 3 ноември, косовските власти го разрешија Ненад Ѓуриќ од функцијата директор на полицијата за северниот регион, откако тој одби да ја спроведе одлуката на Владата за пререгистрација. По тој потег српските функционери поднесоа оставки од косовските институции.
Во својот говор на доделувањето на наградите во Белград, Вучиќ им се заблагодари на Ѓуриќ и Филиповиќ што ја слушаа нивната земја.
Вучиќ оцени дека владата во Косово со спроведувањето на одлуката за пререгистрација на регистарските таблички сакала да предизвика инциденти и да го „понижи српскиот народ“, како и „да го спречи да формира Заедница на српски општини“.
На новинарско прашање каква е иднината на луѓето кои ги напуштиле косовските институции, Вучиќ рече дека ќе бидат вработени во државните органи на Србија.
„Никој од тие 3 500 луѓе нема да биде на улица, ние ќе се грижиме за сите нив“,
рече Вучиќ.
По доделувањето на наградата, претседателот на Србија рече дека во следните два дена ќе го посети Париз, каде треба да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон и со европски претставници, со кои ќе разговара за ситуацијата на Косово.
Во четири општини на северот на Косово се уште се користат табличките КМ (Косовска Митровица), издадени од српските власти, кои се нелегални за Косово.
Владата на Косово, предводена од Албин Курти, се обидува да го реализира процесот на пререгистрација на тие таблички во РКС, што мнозинството припадници на српската заедница одбиваат да го направат.
Европската унија и САД побараа од косовскиот премиер да се одложи пререгистрацијата на возилата, но наместо тоа Курти излезе со трифазен план, кој започна на 1 ноември, а ќе заврши во април следната година.