Првиот училишен ден од второто полугодие е в четврток, на 21 јануари
Она што е позитивен пример не треба да го менуваме и сметам дека второто полугодие ќе продолжи да се спроведува со комбинираниот модел, вели министерката за образование и наука Мила Царовска.
„Во првото полугодие најголем предизвик беше како наставниците ќе се снајдат со онлајн наставата. Но овој предизвик е надминат и второто полугодие го продолжуваме по веќе воспоставениот хибриден модел: онлајн, со физичко присуство и со следење на часови преку телевизија“,
рече Царовска за ТВ Клан.
Таа оцени дека првото полугодие заврши успешно, со над 90% ученици коишто успешно следеле онлајн настава, со помалку од 1% активни случаи со ковид-19 на наставници и ученици од оние кои беа со физичко присуство, наставата течела според планот, а оценувањето е успешно и навремено.
Во меѓувреме денеска, Унијата на средношколци најави дека ќе го бојкотира почетокот на второто полугодие се до исполнување на нивните барања за кои досега не наишле на согласност во МОН.
