Прајдот е протест, но и прослава, на која ги реафирмираме надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество, порачуваат организаторите
Во Скопје денеска ќе се одржи втората Парада на гордоста што ја организира Националната мрежа против хомофобија и трансфобија под мотото „Вон ѕидовите“.
„Скопје Прајд е настан од и за ЛГБТИ заедницата, но и за сите поддржувачи на борбата за еднаков третман на сите луѓе. Прајдот е протест, но и прослава, на која ги реафирмираме надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество“,
порачуваат организаторите.
Парадата ќе започне од паркот „Жена борец“, а ќе заврши кај Школка во Градскиот парк.
Поради одржување на Парадата на гордоста најавен е изменет сообраќаен режим во главниот град.
Предвидената траса на движење на учесниците од пред паркот „Жена Борец“, која започнува во 12 часот е по улица „Димитрије Чуповски“, свртување на улица „Даме Груев“ и булевар „ВМРО“ кон Владата на РСМ, па по булевар „Илинден“ до фонтаната во Градски парк и завршува на „Школка“ во Градскиот парк во 17:00 часот.
Во вчерашната емисија на „360 степени“ за правата на ЛГБТИ заедницата говореа Кочо Андоновски, родоначалникот на ЛГБТИ-движењето во Македонија, Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалицијата „Маргини“, Моника Зајкова, пратеничка од редовите на ЛДП во Собранието и адвокатката Наташа Бошкова, која го водеше случајот на лицето Х против Република Северна Македонија.