Поранешната пратеничка и претседателка на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ, Косана Мазнева, од денеска е нов директор на Јавното претпријатие Комунална хигиена Скопје, информираат од град Скопје.
Таа досега работеше во ЕЛЕМ, но во исто време е избран функционер, односно член на Програмскиот Совет на МРТ, избрана од Собранието на 15 декември 2014 година. Иако мандатот на овој состав му е истечен пред 3 години, политичките партии не можат да се усогласат за нов состав.
Ако се има предвид Законот за спречување корупција и судир на интереси, кај неа постои кумулација на функции, велат за „360 степени“ извори од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Оттаму, се очекува ДКСК во текот на утрешниот ден да се произнесе за нејзиниот статус. Доколку се утврди неспоивост, односно повреда на член 44 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, Мазнева ќе биде информирана дека треба да се повлече од една од функции на кои се наоѓа.
Инаку, Косана Мазнева во Комунална хигиена доаѓа на местото на Зуди Енузи кого градоначалничката Данела Арсовска го разреши откако се дозна дека неговиот брат пукаше од пиштол на плоштадот Скендербег за време на протестите.
„И покрај одличното и професионално менаџирање со јавното претпријатие Комунална хигиена, мојот етички кодекс не дозволува тој да продолжи да раководи со претпријатието“,
кажа тогаш скопската градоначалничка.
Неговото разрешување беше причина Алијансата на Албанците чиј кадар е Енузи, да ја прекине коалициската соработка со неа.