Според последните податоци од ДИК, денеска ќе гласаат 8 855 болни, немоќни и хронично болни, како и 1 657 избирачи кои се во затвор или во домашен притвор
Болни, немоќни, хронично болни, затвореници, лица во домашен притвор, во старски домови и шестмина внатрешно раселени лица ќе го остварат денеска своето право на глас, на вториот ден од десеттите парламентарни избори.
Според последните податоци од ДИК, денеска ќе гласаат 8 855 болни, немоќни и хронично болни, чии пријави се прифатени од ОИК. Најмногу болни и немоќни за гласање се пријавени во Прилеп и во Кичево по 486 граѓани, потоа во Струмица – 465, во Ново Село 375, во Крива Паланка 361, во Делчево 335 и во Липково 331.
Гласање за болни и немоќни нема да има во Вевчани, а во Желино е прифатено барањето на само едно лице, додека во Шуто Оризари и во Центар Жупа ќе гласаат по четири болни и немоќни лица. Во Арачино се пријавени петмина за гласање денеска.
Од скопските општини во Гази Баба прифатени се барањата на 168 болни и немоќни за гласање, а во Бутел – 82, во Карпош ќе гласаат 80, во Кисела Вода – 57, во Ѓорче Петров 48, а во Аеродром 47.
Гласање ќе има и во 13 казнено-поправни установи, а во посебните изводи од избирачкиот список се запишани 1 657 гласачи, како и пријавени лица во домашен притвор. Гласање ќе има и во 17 старски домови со 357 пријавени гласачи.
Согласно со упатството на ДИК, членовите на Избирачкиот одбор и претставниците на политичките партии што го спроведуваат гласањето во домот на болните и немоќни лица мора да носат заштитна маска преку нос и уста и ракавици за еднократна употреба, задолжително е одржување на физичка дистанца во текот на целиот процес, како и миење на раце и дезинфекција по завршување на процесот.
Лицето кое гласа задолжително носи прекривка преку нос и уста. При самото влегување во внатрешниот простор, прво лицето кое гласа треба да ги дезинфицира рацете, при подавање на личната карта ја симнува накратко маската за идентификација, но мора да ја запази потребата дистанца. По завршеното гласање лицето повторно ги дезинфицира рацете.Членовите на ИО маската ја менуваат на секои четири часа.
Вчера, на првиот ден на гласањето, за кандидатските листи се изјаснуваа лицата со ковид-19 и во самоизолација. Државната изборна комисија синоќа соопшти дека правото на глас го искористиле 723 заболени од ковид или лица во самоизолација.
Претседателот на ДИК Оливер Дерковски појасни дека било утврдено оти треба да гласаат 759 лица, а разликата што се јавува во бројките што ги соопштија претходно во текот на вчерашниот ден, е од причина што тие одлучувале и прифатиле одредени приговори од граѓани.
Од вчерашното и денешното гласање, ДИК не објавува резултати, туку само бројка на излезeност. Ливчињата остануваат запечатени во пликовите кои се наоѓаат во гласачките кутии до денот на изборите, односно до завршување на гласањето – утре во 21 часот.
Право на глас на овие десетти парламентарни, а петти предвремени избори имаат 1 814 263 гласачи.