Централниот совет на Евреите во Германија го оцени инцидентот како терористички напад
На зградата на еврејската заедница во Берлин, во која се наоѓаат и синагога и детска градинка, утрово е извршен напад со молотови коктели, по што германскиот канцелар Олаф Шолц најави зајакнување на безбедносните мерки околу објектите на еврејската заедница во Германија.
„На сите им е јасно дека не прифаќаме и дека никогаш нема да прифатиме напади на еврејските институции во Германија“,
порача канцеларот Олаф Шолц коментирајќи го нападот во Берлин во текот на својата посета на Египет.
Шолц најави и консеквентен однос кон пропалестинските протести кои добиваат антисемитски карактер.
Во полициското соопштение се додава дека во текот на увидот на местото на настанот се случил уште еден инцидент, кога едно лице на скутер со голема брзина се упатило кон зградата на еврејската заедница извикувајќи антисемитски и антиизраелски пароли.
Централниот совет на Евреите во Германија го оцени инцидентот како терористички напад.
„Уништувачката идеологија на Хамас против сѐ што е еврејско дејствува и во Германија“,
се наведува во соопштението на еврејскиот совет. Истовремено се наведува и дека еврејските семејства во Берлин се крајно вознемирени од најновите инциденти.
German Chancellor Olaf Scholz condemned a firebomb assault on a synagogue in Berlin. The synagogue was attacked with Molotov cocktails as antisemitic incidents in the German capital have been rising following the violent escalation in the Middle East. https://t.co/KYquQMQtxM
— The Associated Press (@AP) October 18, 2023
Изминатиот период во Берлин зачестија нападите врз еврејските објекти особено по одмазничките операции на израелската војска во палестинската енклава Појасот Газа, а на зградите во коишто живеат семејства од еврејско потекло почнале да се појавуваат и графити со Давидовата ѕвезда, што потсетува на нацистичкиот прогон на Евреите пред Втората светска војна.
Полицијата во Берлин ги забрани сите пропалестински манифестации поради стравувањата за можни масовни нарушувања на јавниот ред и мир.
Сите поважни објекти на еврејската заедница во Германија веќе со години се наоѓаат под деноноќна заштита на полицијата, по серијата антисемитски инциденти изминатите години.