Хаваријата кај ХЕЦ „Врбен“ вчера беше тема и на седницата за советнички прашања во Собранието. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, го праша премиерот Димитар Ковачевски дали чувствува одговорност за хаваријата на доводниот цевковод на хидроелектраната „Врбен“ која е дел од мавровскиот систем, но на ова прашање премиерот рече дека ќе одговори писмено
На доводот Горна Радика се случила појава на лизгање на теренот и оштетување на дел од каналот, поради што дел од водата се излева надвор од доводот кој оди до Хидроелектраната „Врбен“, велат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

Оштетувањето, како што информираат од ЕСМ, било последица од интензивните врнежи од дожд во последните неколку дена.
Од државната компанија велат дека нивни стручни лица се на терен и ги преземаат сите мерки за санирање на оштетувањата.
Каналот што ги носи водите до ХЕЦ „Врбен“ во преостанатиот дел е во функција, уверуваат во компанијата.
„На доводот Горна Радика, поточно Речки Канал, како последица на интензивните врнежи во последните неколку дена, се случила појава на лизгање на теренот и оштетување на дел од каналот, при што дел од водата се излева надвор од доводот. Наши стручни лица се на терен и се преземаат сите мерки околу санирање на оштетениот дел од каналот, кој во преостанатиот дел е во функција и непречено ги носи водите до ХЕ ‘Врбен’“,
се вели во целост во соопштението од ЕСМ.
Хаваријата кај ХЕЦ „Врбен“ вчера беше тема и на седницата за советнички прашања во Собранието.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, го праша премиерот Димитар Ковачевски дали чувствува одговорност за хаваријата на доводниот цевковод на Хидроелектраната „Врбен“ која е дел од мавровскиот систем, но на ова прашање премиерот рече дека ќе одговори писмено.
Хидроелектричната централа „Врбен“ е сместена во близина на селото Врбен и е дел од ХС „Маврово“, заедно со ХЕЦ „Вруток“ и ХЕЦ „Равен“.
ХЕЦ „Врбен“ е најоддалечена од трите хидроелектрани на системот и претставува проточна хидроелектрана.
Таа има два струјотвори и вкупна инсталирана моќност од 12,8 мегавати. Инсталираниот проток на хидроелектричните постројки изнесува 4,6 кубни метри во секунда, додека бруто-висинскиот пад на нивото на водата изнесува 193 метри.
Инаку, според Управата за хидрометеоролошки работи, во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнало во Маврово, односно 11 литри на квадратен метар.