Во Скопје попладне се очекува повремен слаб дожд, кој во делови од котлината ќе преминува во снег
Нови врнежи, кои во западните делови ќе бидат претежно од снег, се очекуваат во попладневните и вечерните часови. Во овие делови на повеќе места ќе се формира снежна покривка, додека во поголем дел од истокот ќе се задржи суво време. Ќе дува слаб до умерен ветер, а по должината на Повардарието и на повисоките места ќе има засилен ветер од северозападен правец.
Максималната температура денеска, според УХМР, ќе биде во интервал од 4 до 11 степени.
Во Скопје попладне се очекува повремен слаб дожд, кој во делови од котлината ќе преминува во снег, а ќе дува слаб до умерен северен ветер.
За утре попладне и во вечерните часови, синоптичарите најавуваат нови врнежи од снег, позастапени и пообилни во западните делови. Во поголем дел од земјава ќе се формира снежна покривка, која ќе биде позначителна во западните делови.
Потоа ќе следува претежно суво и многу студено време, особено за време на викендот и во почетокот на наредната седмица, кога и дневните температури во поголем дел од земјава ќе бидат под нулата. Ќе дува слаб до умерен, а за време на викендот во Повардарието ќе има засилен северен ветер. В сабота наместа ќе провејува слаб снег.
