Во „Рекет“ Јовановски е осуден за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување

Врховниот суд ја потврди пресудата за случајот „Рекет“ со која на седум години затвор е осудена поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, а на девет Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки 13.
Откако пресудата претходно ја потврди Апелацискиот суд Скопје, тие поднесоа барања за вонредно преиспитување во Врховниот суд. Највисокиот суд за предметот постапувал денеска и одлучил да им ги одбие барањата.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на 1 јуни 2022 година постапуваше по предметот КВПКОК2 бр. 19/21, познат во јавноста под името ’Рекет‘, оформен по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда поднесени од осудените Бојан Јовановски и Катица Јанева и одлучи барањата да ги одбие“,
соопштија од Врховен.
Во „Рекет“ Јовановски е осуден за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.
Во истиот случај со нив, за примање награда за противзаконито влијание, беше обвинет и Зоран Милески-Кичеец, но тој уште на првото рочиште во декември 2019 г. призна вина и доби затворска казна од три години затвор. Таа е правосилна и од октомври 2020 тој ја издржува во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга.
Според обвинението, а и првостепената пресуда за „Рекет“, откако во ноември 2018 СЈО ја отворило истрагата „Империја“, биле барани пари од осомничениот бизнисмен Орце Камчев, со цел тој да добие повластен третман, како укинување на притвор, враќање на пасошот, но и евентуално својство на заштитен сведок или склучување спогодба. Обвинителството тврдеше, а судечкиот совет смета дека е докажано, дека од Камчев биле изрекетирани 1,5 милиони евра.
Јовановски и Јанева, пак, во текот на судскиот процес ги отфрлаа ваквите тврдења обвинувајќи дека станува збор за монтиран предмет со цел да се спаси бизнисменот Камчев. Предметот го нарекуваа политички, исто како и првостепената пресуда.
Првостепената пресуда од Основниот кривичен суд Скопје тие ја добија пред речиси две години – на 18 јуни 2020. По повеќе од една година – на 21 јуни 2021, истата беше потврдена од Апелација по што следуваше постапка пред највисокиот суд кој денеска им ги одби барањата односно ја потврди пресудата.