Врховниот суд денеска на седница одлучил да ги одбие жалбите на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и на Даниел Станчев, кои се наоѓаат во куќен притвор како осомничени во истрагата за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија, на ден 22.09.2021 година по одржана јавна седница по предметот Вкж1.бр.31/2021, донесе одлука со која ги одби како неосновани жалбите на обвинетиот Д.Р. од Струмица, изјавена преку неговиот бранител и на обвинетиот Д.С. од Скопје, изјавена преку неговиот бранител, а обжаленото решение на Апелациониот суд Скопје, КСЖ.бр.456/21 од 01.09.2021 година го потврди“,
соопштија од Врховниот суд.
Рашковски и Станчев како осомничени во предметот за набавката на софтверот со отворање на истрагата на 16 април добија домашен притвор, а откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се жалеше и Кривичниот совет ја прифати жалбата, на 21 април двајцата влегоа во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
На почетокот на јуни, пак, Апелацискиот суд одлучи ефективниот притвор да го замени со домашен.
По неколку месеци, истрагата сега е пред обвинение. Заврши вештачењето на доказите и следува распит на осомничените.