За деновите од претстојниот викенд од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат променлива временска состојба, со опаѓање на дневните температури
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи. Во попладневните часови на одделни места ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Минималната температура, како и во претходните денови, ќе се движи во интервал од пет до 12 Целзиусови степени, а максималната дневна ќе достигне од 14 до 28 степени.
За Скопје синоптичарите прогнозираат слично време, односно променливо облачно со сончеви период и умерен ветер од југозападен правец. Дневната температура во главниот град ќе се искачи до 27 Целзиусови степени.
За деновите од претстојниот викенд од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат променлива временска состојба, со опаѓање на дневните температури. Така, во текот на ноќта кон сабота и во сабота претпладне ќе биде нестабилно со локални поројни врнежи од дожд, проследени со грмежи.
Преодно стабилизирање на времето ќе има во недела, а во понеделник се очекуваат повремени врнежи од дожд. Дневните температури од сабота ќе бидат во опаѓање.