Грчкиот премиер повика да се искористи самитот ЕУ-Западен Балкан за да се направи смел чекор напред
Да не ја испуштиме можноста и да го искористиме самитот ЕУ -Западен Балкан во Словенија за да се направи смел чекор напред. Време е Европската унија да испорача, нагласи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во своето обраќање на Генералното собрание на ОН, во делот посветен на европската перспектива на регионот, јави МИА од Атина.
Мицотакис истакна дека Грција секогаш беше активен поддржувач на европската перспектива на Западен Балкан, како можност за просперитна, стабилна и демократска иднина на регионот.
„По усвојувањето на Солунската агенда, европската перспектива беше движечка сила за реформи, демократизација и промена. Но да бидеме искрени, исто така постоеше и замор и разочарување – 18 години е долго време. За неколку дена, самитот ЕУ- Западен Балкан ќе се одржи во Словенија. Да не ја испуштиме можноста да го искористиме самитот за да се направи смел чекор напред. Време е Европската Унија да испорача“,
рече Мицотакис.