Интерпелацијата, велат од „Вреди“, дополнително го изнела на површина и новиот коалициски блок за дестабилизација на државата, а кој, според нив, го сочинуваат трите опозициски партии Левица, СДСМ и ДУИ
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, одговарајќи на новинарско прашање, денеска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со ДУИ и ЗНАМ вчера во Собранието го заштитиле Гаши од сите скандали на кои јавноста била сведок во изминатиот период
Пропадна планот за дестабилизација на тројката Левица-СДСМ-ДУИ. Синоќа, со големата поддршка што ја доби претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, уште еднаш се докажа дека владејачкото мнозинство е стабилно и нема никакви знаци на колебање. Ова е ставот на коалицијата „Вреди“ во врска со исходот од вчерашната седница на Собранието, на која големо мнозинство од 72 пратеници гласаше против интерпелацијата на собранискиот спикер, кој доаѓа од оваа коалиција.
Интерпелацијата, велат од „Вреди“, дополнително го изнела на површина и новиот коалициски блок за дестабилизација на државата, а кој, според нив, го сочинуваат трите опозициски партии Левица, СДСМ и ДУИ.
„Всушност, Левица е само врвот на ледениот брег и портпарол на еден поголем проект на оваа тројка, кој има за цел дестабилизација на државата. Како што и самите претходно изјавија, а сега веќе и се докажува на дело, иницијативата за интерпелација, со толку меѓуетнички и меѓурелигиски говор на омраза, зборува за координација и соработка меѓу оваа тројка во плановите за дестабилизација и предизвикување на тензии, зошто да не и меѓуетнички инциденти во Северна Македонија. Сепак, оваа интерпелација беше уште една причина за хомогенизација на коалицијата ВЛЕН, но и на владејачката коалиција, докажувајќи стабилност и цврстина наспроти мрачните планови кои се кројат во анти-НАТО и анти-ЕУ кујни. И покрај намерата на интерпелацијата да предизвика забуна и дестабилизација, таа повеќе придонесе за освестување на владејачкото мнозинство и за внатрешна кохезија, докажувајќи дека овие иницијативи се осудени на неуспех“,
се вели во соопштението од „Вреди“.
Оттаму додаваат дека во соработка со меѓународните сојузници нема да дозволат овие, како што ги нарекуваат, дестабилизирачки проекти да се реализираат и да му нанесат штета на стратешкиот евроатлантски правец на Северна Македонија.
Инаку, за потсетување, вчера пред почетокот на седницата, координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети, рече дека ќе дебатираат и ќе дадат забелешки за работата на Гаши, но од принципиелни причини нема да гласаат за интерпелацијата.
Партијата на Али Ахмети во врска со вчерашната седница на која не помина интерпелацијата на Гаши денеска ја посочија и од СДСМ, но во спротивен контекст.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, одговарајќи на новинарско прашање, денеска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со ДУИ и ЗНАМ вчера во Собранието го заштитиле Гаши од сите скандали на кои јавноста била сведок во изминатиот период.
„Ова значи дека на ВМРО-ДПМНЕ заедно со ДУИ и ЗНАМ воопшто не им е грижа кој ја контролира границата со Косово. Што се поминува без контрола низ границата со Косово и кој сè поминува низ границата со Косово, исто така без контрола. Ова значи дека на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ЗНАМ воопшто не им грижа за почитување на законите во државата“,
рече Кузеска.
Од ова, како што посочи таа, може да се заклучи дека неказнивноста од 2016 година се враќа на голема врата, кога функционерите не одговарале за ништо.
„На Мицкоски полна му беше устата со тоа ветување пред граѓаните особено пред изборите дека секој што ќе се огреши пред законот, секој што ќе ги прекрши етичките кодекси како член на Владата дека ќе одговараат, но сега гледаме дека тоа воопшто не се случува, односно гледаме дека нема воопшто никаква одговорност за било кој од Владата. И после ова ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно нема никаков кредибилитет да повикува било кого на одговорност“,
рече портпаролката на СДСМ.