Координаторот на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Блерим Беџети, изјави дека ќе дебатираат, но од принципиелни причини нема да гласаат за интерпелацијата
Во пресрет на денешната пленарна седница, на која ќе се расправа за интерпелација на собранискиот спикер Африм Гаши, пратеникот и координатор на Европскиот фронт, Блерим Беџети, изјави дека ќе дебатираат за прашањата што се покренати, но од принципиелни причини нема да гласаат за интерпелацијата.
„Ќе ги дадеме нашите забелешки за работата на господинот Гаши, за интервјуто кое вчера кружеше. Мислам дека треба да им се извини на Албанците и да се повлече од политичката сцена и повеќе да не биде претседател на Собранието. Но, ова ќе остане на неговата совест. Но, од принципиелни причини, за прашања што се покренати, ќе дебатираме за аргументите, но нема да гласаме за интерпелацијата“,
изјави Беџети, пренесе Телевизија 21.
Пред стартот на седницата, за медиумите изјава даде и пратеничката Илире Даути од „Европскиот фротн“. Порача дека како пратеничка група нема да гласаат за интерпелацијата зашто немаат намера да бидат дел од сценаријата кои ги подготвува ВМРО-ДПМНЕ со своите соработници, во овој случај, како што кажа, со партијата Левица.
На прашањето за улогата на ВМРО-ДПМНЕ во ова, како што рече Даути, сценарио, со оглед на ставот на владејачката партија дека нема да ја поддржи интерпелацијата на Гаши која ја поднесе Левица, пратеничката рече:
„Да, ама ова не е првпат вака да играат затоа и кажав дека се подготвени сценарија. Преку Левица често ги водат политиките кои ги користат за нивна употреба. Досега знам дека соработуваат за некои теми, на пример на последната седница гласаа заедно за да ја тргнат од дневен ред точката за нашиот предлог за законот за казината.“
Во Собранието денеска се расправа за интерпелацијата на собранискиот спикер Африм Гаши која ја поднесе пратеничката група на Левица.